Пациентите со хронични заболувања во паника, гневни се на министерот за одлуката да се вратат на работа

Пациентите со хронични заболувања во паника. Прашуваат кој ќе сноси одговорност доколку се заразат со Ковид 19 на работното место и ја изгубат битката со болеста? На социјалните мрежи врие од реакции, откако вчера министерот за здравство Венко Филипче посочи оти хронично болните пациенти може да се вратат на работа по препорака на Комисијата за заразни болести. Гневни се на министерот оти нивното враќање на работните места го спореди со одењето во маркет.

Како што избрзавте со другите одлуки така и со оваа. Хроничните на работа, децата во училиште. Нели беше здравјето пред се, министре?!

Дали е ова здравствена одлука или политичко – економска? Како хронично болните со астма и ХОББ ќе носат маска 8 часа? Ќе експериментирате колку луѓе со хронични болести ќе преживеат?

Па цело време трубите септември и октомври ќе има шпиц на епидемија. И вие тогаш ќе ги вратите најризичните? Како не ви е срам.

Каква држава е ова, така ли се грижите за граѓаните? Не можете ниту минимална плата да исплатите па сега хронично болните ги праќате на работа.

Министре, за гласање ви требавме само хроничните болни, сега ви е гајле. Наместо да не заштитите, не фрлате во оган.

Алфа став побара и од Здруженија на пациенти со хронични болести. Кусо ни одговорија оти засега ќе се воздржат од коментар бидејќи се работело само за предлог кој се надеваат оти сепак нема да помине на Владина седница.

И докторите се кренаа против нелогичните предлози на Комисијата. Токсикологот Нико Беќаровски преку Фејсбук ги потсети епидемиолозите оти во секоја епидемија младите се челичат, возрасните заболуваат, а хроничните болни и постарите “патуваат”.

Ние денес, младите ги чуваме дома, пензионерите ни висат пред маркетите, амбулантите и банките, а хронично болните ги враќаме на работа. Како јас да појаснам на мојот драг медицински техничар С.Б. кој има три стента, дијабет, ХОББ, дека од утре може безбедно да доаѓа секое утро со автобус 19, а мојата исто така драга медицинска сестра Ц.К. млада и потполно здрава треба да седи дома до 31.12, изјави НИКО БЕЌАРОВСКИ – Доктор специјалист

Комисијата предложи породилното отсуство да се продолжи до Нова Година, а бремените жени и натаму да бидат ослободени од работа. Одлука се уште нема што со ослободените родители на деца до 10 годишна возраст.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста