Пациентите со хронични и ретки болести бараат итна вакцинација, масовната потфрли

Хронично болните лути на власта – наместо приоритет за вакцинирање, останаа заборавени. Ветување за вакцина добиле и од премиерот, уште во Февруари, на денот на ретките болести. Писмо му напишале и на министерот Филипче, но одговор не добиле.

„Никаде не се гледа онаа точка кога ќе почне вакцинирањето на овие луѓе со хронични болести, а воопшто со ретки болести не се ни ставени на истата. Испративме писма и до Комисијата за ретки болести, разговаравме и со премиерот кога беше денот на ретки болести во Февруари. Дефинитивно сите здруженија кажаа дека е многу важно ретките болести да се стават на листа на приоритети, како што тоа се прави во другите држави“, вели Весна Алексовска од здружението „Живот со предизвици“.

Пациентите со хронични и ретки болести се најмногу погодени од корона пандемијата. Дел од нив веќе ја изгубиле битката со болеста, а дел по тешката борба со вирусот носат трајни здравствени и псохолошки последици, вели Алексовска. Алармира оти итно мора да се направи приоритет на хронични и ретки болести кои ќе седнат први на вакциналното столче.  

„Хроничните болести не смеат да се остават само по возраст, тоа мора да оди по дијагноза, значи колку е поголем ризикот и еве гледаме дека многу дијабетичари умираат, не смеат да бидат оставени луѓето да чекаат кога ќе им дојде возраста на ред, а и тоа не беше првичниот план на Министерството за здравство, туку првичниот план кој го објавија во втора фаза беа токму хронично болните“, додава Алексовска.

Дека пациентите во ризик мора да добијат приоритет за вакцина, апелираше и Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, кој секојдневно ги вакцинира граѓаните во салата Борис Трајковски.

Семејства на лица со посебни потреби. Семејства на лица со ретки болести. Лица со ретки болести, персонални асистенти, хронични болни … “Вакцинација мора!! Вакцинација веднаш!!”, пиша на Фејсбук, Јанкуловски.

Но, министерот за здравство во неколку наврати повтори оти во националната стратегија за имунизација приоритет имаат повозрасните граѓани, па им порача на  хронично болните да си го чекаат редот согласно возрасната граница.

До сега во Македонија вакцинирани биле 41.500 граѓани, а интерес да примат вакцина искажале над 182.000.

Вчера во земјава пристигаа првите 10.000 дози од вакцината на Фајзер, нарачани директно од производителот, дози кои министерот ги најавуваше уште пред Нова година. Во меѓувреме, се чекаат и 200.000 дози од кинеската Синофарм, кои според најавите треба да стигнат следната недела. Македонија се уште ја чека втората испорака на околу 70.000 вакцини од Астра Зенека преку Ковакс механизмот, како и најавената помош во вакцини од Европската унија, кои наместо овој месец, најверојатно ќе стигнат следниот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста