Отворена понуда од Мискоски до Заев – „Ќе обезбедиме кворум ако седница има утре“, премиерот уште тактизира

Спикерот Талат Џафери за утре нека закаже итна седница на Собранието и нека ги стави на дневен ред четирите закони кои се клучни за да стапи на сила петтиот пакет економски мерки, а опозицијата ќе обезбеди кворум и ќе гласа за нив.  Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му даде отворена понуда на премиерот Зоран Заев и владиното мнозинство со начин како привремено да се одблокира Собранието за да не трпат граѓаните. Мицкоски нуди седницата да се одржи претпладне, пред веќе закажаната редовна седница за пратенички прашања.

  • Ќе потенцирам уште еднаш, иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и за граѓаните, сепак, истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е отворено барање. Владата и СДСМ да престане со манипулации и незрело однесување. Граѓаните не смеат да бидат заложници на неспособната Влада, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Тој ја обвини Владата дека манипулира со јавноста затоа што пред точно 21 ден, Зоран Заев побара гласање за доверба на Владата и истиот ден ги доби гласовите на 62 пратеници, но не побара да се гласаат законите за помош на стопанството и на граѓаните.

Премиерот Заев се уште тактизира и не одговори директно дали ја прифаќа понудата на Мицкоски. Најави дека утре ќе имал средба со собранискиот спикер на која ќе се разговара за се што е прифатливо за час поскоро да се изгласаат законите, но смета дека работата на Собранието ќе се откочела откако заболените пратеници ќе оздрават и ќе се вратет на работа.

  • Еден дел од важните закони за жал се изблокирани. Горчината што ја носиме сите ја носам и јас. Да се блокираат законите што живот значат за помош за последиците од пандемијата е навистина неразумно и верувам дека ќе има разумност. Во четврток се пратенички прашања во Собранието. Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието, веројатно и со претседателот на ДУИ да разгледаме одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието, рече Заев.

Разочарани од неодговорноста на Собранието се и од Сојузот на стопански комори. Данела Арсовска вели дека малите и средни претпријатија немаат резерви да ја одржат ликвидноста.

  • Пратениците имаат одговорност пред граѓаните да работат во нивен интерес, а доколку не се способни за истото секогаш можат да ги вратат мандатите. Во овој момент треба сите да се обединат околу единствениот општествен приоритет, кој значи спасување на човечки животи и обезбедување на економска активност за спасување на работните места како извор на егзистенција на граѓаните. Треба да се заборави на добивање ситни политички поени, вели Арсовска.

Инаку, петтиот пакет мерки тежок 160 милиони евра влезе во Собрание пред повеќе од еден месец. Власта обвинува дека опозицијата е виновна што не се донесени, а опозицијата тврди дека државата нема пари и затоа го одложува гласањето. До сега, фирмите се уште немаат исплатено плати за работниците, па се чека на пратениците да ги изгласаат законите, за да нема клуч на добар дел од компаниите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста