НАЈНОВИ ВЕСТИ

Отворен Балкан замена за „затворено“ ЕУ: Си најде ли Заев правдање за неуспехот во евроинтеграциите?

Во услови кога евроскептицизмот расте, портите на ЕУ остануваат затворени, премиерот Зоран Заев се задоволува со Отворен Балкан, новото име на Мини Шенгенот. На Економскиот форум за регионална соработка, каде Заев беше домаќин на Александар Вучиќ и Еди Рама, тој испрати порака дека не можеме повеќе да чекаме ЕУ да не повика, па неопходна била ваква, регионална соработка. Покажувајќи го зголемувањето на својот евроскептицизам, тој ја повика Бугарија да се придружела кон Отворениот Балкан.

-Прво посакувам Бугарија стварно да направи Влада, тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот, добро е и за Македонија. Штом ќе се направи Владата, ние рековме продолжуваме да разговараме се додека не најдеме решение. Па ќе можат и тие да се приклучат доколку сакаат, затоа што ова е Балкан, иако се земја членка на ЕУ, зошто не, изјави Заев.

Претседателот на Србија запрашан дали би прифатил Косово да биде дел од овој сојуз, кажа дека би сакал сите во регионот да бидат дел од Отворениот Балкан, но горливите билатерални прашања да бидат оставени на страна.

-Од почеток укажавме дека сите можеме да учествуваме заедно во ова, но да бидеме коректни, она што не раздвојува да не се наметнува како најважно прашање. Ние мораме да продолжиме да продолжиме да работиме. Ова го направивме како економска иницијатива во која има слободен проток на луѓе, стока и капитал во кој луѓето ќе ги почувствуваат позитивните промени и последици, а не за решавање на нашите билатерални проблеми, изјави Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама, пак упати директно прашање до Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина зошто не се дел од овој сојуз. Но убеде е дека еден ден ќе се приклучат, бидејќи како што рече се работело за доброто на сите држави од Западен Балкан.

-Другите се добредојдени да се спојат со нас, доколку сакаат никој нема да им пречи и доволно треба да престанеме со тоа не поканија, не не поканија, бевме во Тирана, бевме во Тирана. Шест земји за да разговараме, видливи беа разликите неколку сакаа, неколку не сакаа, изјави Рама.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак порача дека не смее да има никаква алтернатива за Европската унија.

-Алтернатива за Македонија покрај полноправно членство во Европската Унија не постои. Секоја регионална иницијатива е добредојдена но тоа не смее да биде алтернатива. Македонија треба веднаш оваа година, да ги отпочне преговорите со ЕУ бидејќи тоа го заслужуваме повеќе од би рекол десет години, со исполнети критериуми, но за жал поради разно разни артефицијални, вештачки препреки ние до овој момент не сме отпочнале преговори, изјави Мицкоски.

На форумот незадоволство кај медиумските екипи предизвика и селективното избирање на медиуми кои ќе постават прашања. Шанса за тоа добија само по еден медиум од Македонија, Србија и Албанија, интересно сите во државна сопственост. Од кај нас тоа беше МИА, од Албанија националната телевизија, додека од Србија новинската агенција Танјуг. Тие добија шанса да постават по три прашања, по едно за секој од лидерите, додека другите медиуми не добија можност за ниту едно, а како што кажа премиерот Заев во разговор со новинарите по крајот на прес конференцијата причината била бидејќи договорени биле девет прашања. 

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста