„Отворен Балкан“: Власта свесна дека сме далеку од ЕУ, опасност од иселување сега има и за во Србија

Отворен Балкан е доказ дека Македонија е свесна дека долги години ќе остане без Европската унија. Според поранешниот амбасадор Јован Донев, ова покажува дека македонската власт е свесна колку сме далеку од некакво си членство во ЕУ, дури и да ги започнеме преговорите. Но, и порачува дека никако не смее да има алтернатива, освен партнерството со Брисел.

-Сега за сега сите политички партии зборуваат дека Европската унија станува наш единствен приоритет и тоа би требало така и да се гледа во крајна линија, дека тоа е приоритет, дека ова не би требало да биде никаква замена за Европска унија. Меѓутоа од друга страна, ова може да се сфати и дека ние сме свесни дека и би требало така да се сфати дека во следните 15-20 години и утре да започнат преговори ние не можеме да очекуваме да станеме членка на Европска унија, вели Донев за Алфа.

Според Донев особено проблематично е што овој сојуз би можел да донесе голем број негативности за Македонија, бидејќи потезите според него се направени без детални анализи. Слободниот проток на стоки и услуги, за Донев може да значи иселување на работната сила, покрај во моќните европски земји, и во Србија, каде платите се повисоки отколку во Македонија.

-Не видов никакви анализи што тоа ќе значи за нашиот пазар на труд, во однос на тоа кога Србија постојано има раст на платите. Дали тоа значи губење на и онака недоволната работна сила квалификувана. Значи она што ќе го добиеме ќе почне да ни бега и во Србија, посебно што за разлика од ЕУ овде културните и јазичните разлики се минимални, вели Донев.

Дека со овој потег Македонија се оддалечува од Европа иронично прокоментира и претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска.

-Толку од Европа, Македонија заглави во Микро Шенген Балкан Гето и доби датум за влез во Врање!, напиша на Фејсбук Арсовска

При денешната посета на Македонија, каде оствари средби со неколку функционери од власта, министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала вели дека оваа иницијатива од Нови Сад, која претходно беше нарекувана Мини Шенген е опасна.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста