Отворањето на ЛОИ во сенка на саботажата на француските железници

Отворањето на ЛОИ во сенка на саботажата на француските железници

Со шоу на реката Сена денеска ќе започнат Летните олимписки игри во Париз. На Игрите се очекуваат да пристигнат 160 шефови на држави на влади, околу 7000 спортисти и речиси 320.000 гледачи.

Свеченото отворање за првпат ќе се случи покрај река, наместо на стадион, а дека тензиите се на максимум покажа нападот на инфраструктурата на француската брза железничка мрежа со предизвикување пожар.

Француската министерка за спорт во заминување Амели Оудеа-Кастера објасни дека нападот бил координирана акција и веројатно чин на саботажа.

„Она што се случи утрово, би сакала да кажам, не е ниту првата, ниту последната тешкотија со која ќе треба да се соочиме. Овој вид намерно, координирана акција, веројатно чин на саботажа, чија точна намера допрва треба да се утврди. Јас не сум обвинител, очигледно сето ова треба да се истражи, но ние нема да бидеме наивни нема да дозволиме ништо да не дестабилизира, ги имавме предвидено сите овие сценарија, со месеци зборуваме за ризиците, за заканите, за терористички, ултрадесничарски, ултралевици, сајбер. Сите кризни сценарија се размислувани“, рече француската министерка за спорт Амели Оудеа-Кастера.

Управниот директор на железничката компанија, Кристофер Фанише рече дека најпогодена била станицата Бретања.

„Тоа што им го кажуваме на сите наши клиенти кои се директно засегнати од овие линии е прво, целосно ќе ви бидат вратени сите ваши билети за воз, и второ, ќе бидете постепено информирани преку текстуална порака и мејл дали возот работи или не во следните неколку часа, така што ве молиме да не доаѓате во станицата“, рече Кристоф Фанише, управен директор на SNCF.

И извор близок до истрагата за АФП изјави дека нападот вклучувал акти на саботажа. Цел на нападот биле неколку брзи линии на запад, север и исток од Париз, а на железничката станица Монпарнас се формирале долги редици.

„Се мачиме цел ден да стигнеме таму на време. Имаше неколку луѓе во возот што одеа на церемонијата на отворањето, така што и за нив ќе биде покомплицирано. Сега бараме алтернативни решенија. Да изнајмиме автомобил, исто како и сите други. Требаше да одам на Олимпијада. Утрово ни рекоа дека ќе доцни 3 часа и 20 минути и на крајот возот беше откажан. Затоа моравме да одиме со автобус до Париз“.

Пожарот ги оштети инсталациите, а тимовите од железницата се веќе на лице место за да извршат проценка и да започнат со поправки, соопштија од железничката станица.  

Игрите ќе се одржуваат и под засилени безбедносни мерки, па така во секој момент ќе патролираат 5.000 полицајци, војници и ангажирани чувари. Реката Сена ќе биде оградена за време на вечерашната церемонија и пристапот до одредени области ќе биде строго ограничен и контролиран.

На ЛОИ ќе настапат Селион Дион и Леди Гага, а уметничкиот директор на отворањето Томас Жоли изјави дека сакал да ја прикаже Франција во сите нејзини различности.

Игрите во Париз се првите кои постигнаа целосна родова еднаквост, па ќе настапат 5250 спортисти и исто толку спортистки. Македонија ќе има петмина претставници. Пливачот Никола Ѓуретановиќ, борачот Владимир Егоров, џудистот Еди шерфиовски, стрелачката Анастасија Мојсовска и атлетичарот Дарио Ивановски. Таеквондистката Милијана Релиќ ќе го носи знамето.

„Франција е спремна и ќе биде спремна во текот на Игрите“, изјави претседателот Емануел Макрон.

Натпреварите се и можност за олимписко деби на нови спортови и спортски дисциплини, а околу 10.500 спортисти од целиот свет ќе бидат во потрага по спортските дострели со ползување на олимпиското мото „Побрзо, повисоко, посилно“.

Учесниците ќе се натпреваруваат во 32 спорта, и секој од нив ќе се обиде да освои еден од 329-те златни медали.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста