Отуѓените „Атласи“

Отуѓените „Атласи“

Неодамна еден познат колумнист затекнат во животна неприлика јавно изрази
сомневање во улогата на сопствените деца. Со јасно непризнавање на мистиката на
љубовта и, нејзино дефинирање како повремена човечка зависност. Наместо
традиционалната љубов помеѓу мајката и детето, величање на партнерската и тоа
единствено возвратена љубов. Потсети на дилемите за отуѓеност пред кои одамна е
исправена идеолошката и мисловна страна на која припаѓа.
Порано, поимот на отуѓувањето беше доста обработуван. Во тие времиња Трамп беше
познат милијардер, а Кенеди почитувана демократска политичка фамилија во САД. Се
водеа исцрпни дискусии за отуѓувањето на човекот од природата, во општеството, од
семејството. Но, изненадувачки откако влеговме во 21 век овој термин исчезна од листата
на темите. Сепак останаа главно истите проблеми за разгледување: брзината на
општествените промени и технолошкиот развој.
Мерка за тоа дали светот се променува во вистински правец е мотивот. Чистината на
човеколубивиот мотив. Во средниот век тој мотив го вардеше Црквата која има систем за
детекција на мотивите. Мотивот се испитува додека светот неповратно се пропушта во
погрешен правец. Затоа што така пишува во сите откровениски книги. Светот не може да
се спасува, душите можат.
Појавата на технологија и индустријата ги охрабрила либералните, просветителски идеи
па отценката за мотивот стана обична човечка работа. Првин се веруваше дека отфрлање
на идеите од среден век и враќањето кон класиката ги носи исконските човекови
вредности. Мотивите на уметникот не се важни, зад голотијата се крие анатомската
совршеност на моделот. Па потоа, откако се виде дека овој пристап е недоволен се влезе
во романтизам. Во романтизмот мотивот се оценува според емоциите. Не се важни
реалните потреби на двете страни туку емоциите. Туѓата емоција ( кон нас) е главно
мерило. Се појави и националниот романтизам. Ама, човековото битие не трпи таков
третман.
Па затоа мораше да се најде виновник. Следува правецот реализам во кој погрешноста
на човековите мотиви е постојано некаде надвор од него. Ако не е во неговите емоции
тогаш е во неговата средина. Или во друг човек – значи општеството, или во природата.
На ред беше подигањето на револуциите. Фројд проблемот го лоцира во семејството и
родителите. Проблемот бил во не доволно реализиран егоизам. Објективистот Ајн Ренд
во романот ,,Побунетиот Атлас’’ се повикува на разумот. Нејзините разумни атласи се
дел од човештвото кои го исправат овој свет.
Процесот на незапирливо отуѓување како првична претстава ја има сцената од ноќите
на Париската револуција кога од црквите се извадени светите предмети, а наместо нив се
внесени уличните куртизани. Прогон на свештенството, воведување на нови календари,
слики од диктаторот наместо икони, и олигархија како нов ред од хаосот.
Овие денови ги следам напорите на светските идеолошки либерали, републиканци и
некои ториевци да се обединат против т.н. длабоката држава за да направат сериозни
промени во светот. Трамп и Кенеди се обединети и настапот во ноември според одредени
аналитичари во САД станува по сигурен. Зелински верува дека заедно со САД може да ја
натерат Русија да побара мир додека на истокот во посета на таа тема е индискиот
премиер Моди.
Значи токму револуционерите кои ги иницираа промените, овие драстични падови во
светот, сега го преземат конзервативниот пристап. Сега се концентрират на моралниот
пад на човекот и распадот на идеите за семејство, исчезнување на средната класа.
Понудата на технологија, развој и прогрес го изгуби човекот во основата како носител на
промените. Убеденоста во хуманиот карактер на вселената длабоко е разнишана во срцето
на револуционерите. Изгледа ,, Атласите кои го исправат светот’’ на крајот се отуѓија
сами од себе.
Франција го уапси творецот на мрежа за гласовна и видео интернет комуникација. Павел
Дуров кој под одредени услови претходно ја отстапи најпознатата позната социјална
мрежа во Русија.
Телефоните, социјалните мрежи се обвинети за меѓусебното отуѓување. Сепак, ние добро
се сеќаваме дека комуникацијата во нашето минато без социјалните мрежи и мобилните
телефони не беше подобра од денешната. Се разбира, носталгијата секогаш е идеална и
има побрзи импулси од телефонот. Никогаш порано толку прецизно не сме знаеле каде се
и, што прават нашите блиски како што тоа го можеме сега во новиот технолошки развиен
свет. Старите форми на средби како и големи слави, веридби, свадби не можеа да
пружат доволно исцрпни информации колку денешните модерни четови и листање на
профили по мрежите.
Онаа машина која чита, гледа и слуша и моќно анализира и ги систематизира сите оние
мали неважни податоци кои ги внесуваме секој ден веќе ги познава сите подобро од
најблиските. Може да понуди предлог за блиски. Може некому и самата да му стане
близок.

Како да се наѕират контурите на технотроничко општество опишано од Бжежински.
Технологија која го пресоздава општеството; додека во меѓувреме насекаде тече
револуција заради револуција. Нема веќе потреба од работник, нема потреба од
земјоделец. Нема потреба од човечка биомаса. Нема потреба од либерали кои ќе
ослободуват. Постои потреба од интелигентни машини како полезен продукт од
либерализмот. Тие ќе служат и заштитуват одреден број на жители на планетата.
Потребно е она што е креативно , инвентивно и оргинално. На општествен план тоа ја
вклучува и плавата крв. Златната милијарда има свој критериум за инклузија. Таа си има
свој креатор, негови потомци и претставници. Тие немат проблем со смислата на
постоењето, мистиката и улогите во општеството на родителите и децата во семејството.
Една од идеите во расправите за отуѓувањето беше дека најважно е да се спречи
отуѓување на самиот разотуѓувач. Односно, конечно револуционерите да се осознаат,
да не се злоупотребат револуционерните методи за да владеат отуѓени олигархии.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста