Откриени 95 мигранти, приведени три лица

Три групи со вкупно 95 мигранти за помалку од 24 часа, се фатени во близина на Раборска крстосница – струмичко и на магистралниот пат Штип-Радовиш. Во товарно возило кај Раборска крстосница, пронајдени се 50 мигранти и тоа 33 од Бангладеш, 15 од Пакистан и двајца од Авганистан. Полициските службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода 25 годишниот велешанец кој ги превезувал.

Втората група на мигранти од 39 лица, од кои 35 од Сирија и 4 од Ирак, е пронајдена во возило со кичевски регистарски ознаки, чиј возач се обидел да побегне но, полицијата го фатила и лишила од слобода.

Увид на местото извршиле екипи на Регонален центар за гранични работи и СВР Струмица. По наредба на Јавен обвинител мигрантите се сместени во Транзитен Центар „Винојуг“ – Гевгелија за понатамошна постапка.

Шест мигранти од Пакистан се фатени кај местото викано „Канда“, на магистрален пат Штип – Радовиш, а полициски службеници од Одделот за гранични работи и миграции го лишиле од слобода 30 годишниот скопјанец кој управувал со патничкото возило „алфа ромео“, со светиниколски регистарски ознаки. Мигрантите биле предадени на полициски службеници од Полициска станица Свети Николе за понатамошна постапка.

Продолжува да расте бројот на мигранти на Југоистокот. Тие влегуваат преку високите струмички ридови и ниту горештината, ниту непреодниот терен не ги спречуваат да го бараат својот спас. Центарот за управување со кризи и МВР се уште не одговараат на прашањата за состојбата со мигрантите во земјава и како се справуваат со се поголемиот наплив на Југоистокот.

Само за потсетување, над 15.000 мигранти влегле во земјава во првите шест месеци оваа година, најголем дел за време на корона кризата.

Дијана Тасева

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста