Откако пандемијата „ги изеде“ парите на странските инвеститори во Македонија, сега се најавуваат нови милионски инвестиции

Многу ветувања, но слаба реализација. Сериозен пад во странските директни инвестиции во Македонија. Откако пандемијата „ги изеде“ парите на странскиот капитал кој до лани беше во минус, сега се најавуваат нови милионски суми. Од Агенцијата за странски инвестиции најавуваат дека во земјава ќе се отворела фабрика за чипс, и дека преговарале со други компании без да посочат за што станува збор и кога би се удрило камен темелник.

  • Сакам да испратам една охрабрувачка порака, дека економијата полека се враќа во нормалнет тек. Сепак, се зависи од случувањата на светско ниво поради пандемијата. Покажавме отпорност како економија и мислам дека сме на добар пат. Има доста заинтересирани инвеститори, нашата држава е препознаена како добро подрачје за инвестиции кое нуди многу поволности. Во тек се неколку инвестиции, но имаме контакти и со неколку компании за кои е извесно дека ќе инвестираат. Може да најавам нова фабрика за чипс која ќе биде прва и единствена во нашата држава, друга во Битола ќе инвестира пет милиони евра во проширување на своите капацитети со над 100 нови вработувања, ќе го развуват својот центар за истражувања и развој, истакна директорот откако претходно соопшти дека македонските компании може да се пријавата за наградите „go global“ на Меѓунардониот трговски совет.

Иако имаше црни сценарија, минатата година, рече Павлески, заврши со 206 милиони евра странски инвестиции. Тоа е за околу 15 отсто повеќе во споредба со 2017 година.

На прсти се бројат странските инвестиции кои ги донесе власта. Најголем дел од нив слабо работаат на терен. Иронично, ниту една македонска компанија не отвори капацитет во зоните и покрај законското изедначување на инвеститорите. Од Агенцијата за странски инвестиции, сега се вадат со пандемијата.

Дека инвестициската клима во Македонија не е ни малку за поздравување, зборува и најновиот Извештај на Стејт Департментот, каде се наведува дека корупцијата, посебно кај јавните набавки и судството е главен проблем за водење бизнис во земјата. Корупцијата, наведуваат е присутна од најниските до највисоките ешалони на Владата. Волја да се намали има, но колку и тоа ќе се преточи во пракса, останува да видиме.

Само лани, Народната банка регистрирала одлив од 9,3 милиони евра. Во првата половина од 2020 вкупните директни инвестиции изнесуваат 122,6 милиони евра. Но, тоа е далеку од пред неколку години кога беа забележани рекордни 624,5 милиони евра.

Ако Владата сака да привлече повеќе инвестиции во иднина, според стопанството, не смее да игра на картата дека државата нуди евтина работна сила, туку квалификувана, што за жал во моментов ја нема.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста