Откако ја продаде барокната градска куќа за 12 милиони, Шилегов имал идеја за нова, но нема детали
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов откако ја продаде наследената Градска куќа за 12,7 милиони евра и ги потроши парите, сега имал план да купи или изнајми нов објект каде би ја сместил скопската администрација. Не открива детали како, каде или колку пари би ги чинела скопјани новата Градска куќа, за тоа ќе кажел кога ќе созрееле условите.
Како политичар секогаш ја кажувам вистината, но не можам да зборувам се додека се созреат условите. Кога ќе имаме точни детали ќе ја информираме јавноста – истакна Шилегов.
Како што е познато, Шилегов кога ја презеде функцијата градоначалник на Скопје, неговиот претходник Коце Трајановски му остави во наследство нова, новцата зграда на кејот на Вардар, под кале. Но Шилегов, кој е силен противник на проектот „Скопје 2014„, не ја сакаше зградата бидејќи беше во барок стил. Реши да ја продаде со образложение дека зградата била мала и немало да ја собере целата администрација. За неа инкасира 12,7 милиони евра од компанијата ЕВН, која веќе пресели дел од своите операции во новата зграда. Каде и за што Шилегов ги потроши парите, јавноста не знае. Скандалот дека бара нова Градска куќа го откри советникот од ГРОМ, Александар Трајановски.
Дека ги потрошил парите од продажбата докажува фактот што сега на 3 месеци пред крај на својот мандат прави измена на програма за развој со која бара поддршка од Советот на Град Скопје да му аминуваат новата зграда да ја купува на рати. Зградата што ја намерачил скопјани ќе ги чини не 12 туку 15 милиони евра – напиша Александар Трајановски.
Шилегов денеска демантираше дека планирал да потроши 15 милиони евра и тоа на рати.
Градот Скопје ќе добие нова зграда, но не ви се точни информациите – изјави Шилегов на прашањето дали е точно дека ќе купува нов објект на рати кој ќе чини 15 милиони евра.
Бетонирани дрва, сеча на „Орце Николов“, ја уриваше Универзална, па се премисли, платформи на Матка, загаден воздух, поскап паркинг – ова се само дел од работите кои го одбележаа мандатот на градоначалникот на Скопје. Три месеци до крајот на мандат на Петре Шилегов, градот се уште нема комунална полиција, а тешко и дека ќе стане Европска зелена престолнина. А како ќе стане кога воздухот е позагаден од било кога. Наместо да ги исполни ветувањата, мандатот го помина во уривање на веќе завршени градби.
Адријана Алексиеска