Отец Боро: Одбив да пишам дека македонските светители се словенски, како одмазда ми ја рушат црквата

Му забраниле да врши свештенска дејност и му ја рушат црквата која сам ја гради, бидејќи не сакал во своите житија македонските светители да ги напише како словенски, тврди за Алфа телевизија Отец Боро Милчев од струмичкото Ново Село. Вели последниве четири години трпи закани од владиката на струмичката епархија, митрополит Наум, кој важи за близок до екс премиерот Зоран Заев, а пред три години ја повика бугарската црква да стане црква мајка на МПЦ. Вчера струмичката епархија соопшти дека тој добил забрана за вршење свештенска дејност бидејќи не го почитувал редот и уредбите на парохиската дејност и на диво почнал да гради црква кај Смоларските водопади.

-Јас имав голем притисок во последно време од новиот владика што го назначи полтронот на Наум, Живорад, мислам дека му е презиме Цветковиќ, татко му од Куманово е. Ми сугерираше, ми напоменуваше, ми се закануваше македонските светители во последните томови ноември, декември, да ги ставам како Словени. Дури имаше допис да не се печатат последните томови до Европа 92, документирано од струмичката епархија. Закани имам од Наум и од Јаков, изјави Милчев.

Отец Боро потенцира дека заканите не доаѓаат само од црквата, туку и од политичкиот врв на власта. Поради ситуацијата во која се наоѓа, неговото семејство избегало од Македонија.

-Семејството ми е избегано во Белгија и јас ќе одам, затоа што имам многу закани од власта, и секој ден во Обвинителството ме викаат, изјави Милчев.

Од струмичката епархија нагласуваат оти не само што не го почитувал редот, туку и венчавал во приватни домови.

-Неприфаќање на одлуката од надлежниот Архиреј за поставување во парохија бр. 151 од 30.08 2019 година. Отпочнување на градба на параклис на државно земјиште без никаква дозвола и согласност на надлежниот Архиреј, ниту пак од надлежните општински власти а за кое веќе има одлука за рушење. Исто така и за неканонско венчавање за време на првата недела од Великиот пост, соопштуваат од струмичката Епархија.

Отец Боро Милчев вели ќе продолжи со својата мисија, но книгите сепак ќе мора да ги објави во странство, а не во Македонија.

Матеја Петровски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста