Освен голема плата, Јанева земала како специјален јавен обвинител плус 157 илјади евра

Катица Јанева за време на целиот свој мандат како специјална обвинителка добила бонуси во вредност од 157 илјади евра – покажуваат податоците од платформата „Отворени финансии“.

Бонусите , Јанева ги добивала како додаток за доверливост, односно како надомест да не открива што се слушнала во таканаречените бомби. Сумите биле исплаќани под контото други трансфери. Овие износи се менувале во текот на годините, од 1.600 евра, па 2.200, се до 4.000 евра. Трансферите не биле редовни, но таа по овој основ била исплатена вкупно 46 пати.

Овој додаток е дел од Законот за СЈО, а одлуката за неговата висина ја носела сама Јанева, односно самата си одредувала колкав додаток ќе добие.

За Јанева, од буџетот на СЈО секој месец се исплаќале и 400 евра за кирија, како и речиси 42 евра како надомест затоа што работела вон градот каде што живеела.

Сепак, висината на нејзината редовна плата не може да се дознае од овие податоци, кои ги вклучуваат само додатоците. Јавноста до ден денес не знае колку точно изнесувала нејзината редовна плата. Јанева во неколку наврати одби да одговори на ова прашање, а обвинителството дел од примањата ги класифицираше како таен податок. Се шпекулираше со суми од 3500 до 4000 евра.

Вакви додатоци за доверливост добивале и другите обвинители и дел од вработените во СЈО. Кај Јанева се регистрирани и некои други уплати – од Академијата за јавни обвинители и од нејзиното матично обвинителство во Гевгелија. Последните бонуси, Јанева ги добила на 29 јули годинава, меѓу нив и 36 илјади денари од Владата.

Инаку, и покрај тоа што СЈО е без обвинители, наредната година ќе добие буџет од 3.7 милиони евра. Министерството за финансии одобрило 1,2 милиони евра за плати за 90 вработени, а 2,4 милиони евра треба да бидат потрошени за стоки и услуги. Министерката за правда тврдеше дека од финансии го одобриле буџетот кој го побарала сега поранешната специјалка Катица Јанева, па одлуката морало да биде спроведена. Уверуваше дека ќе се направат корекции и оваа сума ќе се префрли во Основното јавно обвинителство.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста