ОСУМСТОТИНИ ХЕКТАРИ ПЛАНТАЖИ СО СЛИВИ СКАПУВААТ ВО ДЕЛЧЕВСКО

Осумстотини хектари плантажи со сливи скапуваат во делчевско. Откуп нема, а сливарите се револтирани од Министерството за земјоделство, кое сѐ уште нема одредено ниту минимална откупна цена. Велат потполно се оставени на милост и немилост од државата, додека се чека формирање на новата Влада. Од министерството не креваат ниту телефон – тврдат сливарите.

Проблемот со пласманот на сливата трае со години. Во делчевскиот регион за берба има околу 4.000 тони сливи. Сливарите апелираат до министерството да обезбеди пласман на сливата преку лиценцирани откупувачи. Проблемите, според нив, произлегуваат поради тоа што нема координиран откуп. Трговците тоа го користат и се договараат за снижување на цените.

Во 2015-та година сливарите ги продале сливите по 25 денари од килограм, 2018-та 5 до 10 денари, во 2019-та овоштарниците измрзнале, а оваа година кога има најбогат род, нема откуп. Дополнителен страв за нив беше и вчерашното невреме и град кој зафати неколку делчевски села.

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста