Осум години за Мијалков за „Трезор“

Судот ги прогласи за виновни обвинетите во случајот „Трезор “. Екс – шефот на УБК, Сашо Мијалков, кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, доби затворска казна од вкупно осум години. Поранешниот началник на Петтата управа во УКБ, Горан Грујески, доби највисока затворска казна од вкупно 15 години, додека Небојша Стајковиќи Тони Јакимовски добија по 5 години затвор.  

„Со оваа пресуда конфискуван имот на правото лице „Финзи“ДООЕЛ Скопје во вкупен износ од 10 милиони 819 илјади и 959 денари “- зборува судијката Џенета Бегтовиќ.

Освен затворските казни, судот им наложи на сите обвинети солидарно да ја надоместат сумата со која нанеле штета на буџетот на Р.Македонија. 

Веднаш по изрекувањето на пресудата, обвинителството побара притвор за екс шефот на УБК, заради страв од бегство на Мијалков.

„Причините за ваквиот предлог се делумно исти како и во ‘Таргет-Тврдина’, а тоа е дека преку Европол се потврдени податоците дека Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, Чешка, и таму поседува две возила регистрирани на негово име. Да дополнам и дека судот треба да го цени фактот дека обвинетиот е лице кое е добро ситуирано и дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“, рече Пеливанов.

Судот го прифати барањето на обвинителството и  му одреди нова мерка притвор на  Мијалков, овој пат до правосилност на пресудата за предметот „Трезор“.

Адвокатите на одбраната сметаат дека притворот е незаконски определен, односно не може да се бара нова мерка кога една веќе претходно е правосилна. За нив, ова е разочарувачки ден за правото и правдата во Македонија.

Јавниот обвинител мораше да побара да се укине притворот во другиот предмет за да може да поднесе предлог во овој. Со ваквото решение, судот ја прејудицираше одлуката на кривичниот совет, односно дека ќе го укине притворот во Таргет-Тврдина“, рече Василев.

Покрај за Мијалков, обвинителството бараше притвор и за Стајковиќ, исто така, поради опасност од бегство. Меѓутоа, судот за него одреди куќен притвор. Јакимовски е во куќен притвор, а Грујевски има мерка притвор која ќе стапи во сила ако некогаш биде достапен за органите на прогонот.

Инаку на Мијалков му се суди и во „Титаник2“ и „Тортура“, а осомничен е и во „Империја“ и „Плацовите на Водно“. Тој е осуден и во случајот „таргет –Тврдина“ на 12 години затвор, за кој до денеска беше во притвор.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста