Осум години од масакрот кај Смилковско- Заев ја заборави „вистината“ за „Монструм“ која ја најавуваше

Минаа 8 години од масакрот кај Смилковското езеро, каде на три дена пред Велигден во 2012 година, грозоморно беа убиени четири момчиња и 45 годишниот рибар кој бил крај езерото. По осум години агонијата кај семејствата од ден во ден станува се поголема, првичните пресуди за случајот „Монструм“ ги укина Врховниот суд, па тој се врати од почеток. Место во затвор, првично осудените, сега повторно обвинети, се бранат од слобода.

Болката на родителите и најблиските беше искористена и во политички цели. Лидерот на СДСМ во 2015-та си поигруваше со нивните чувства, најавуваше некоја нова поинаква вистина за „Монструм“.

-Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“ како што го нарекоа со кривичната пријава ќе обелодени и болна вистина. Нашата намера не е да ставиме квалификации, но вистината откако ќе ја обелодениме граѓаните ќе знаат што во суштина значи таа, изјави Заев на 27 мај 2015 година.

Сепак кога се појави во судот Заев како да доби амнезија, заборави на она што го ветуваше и најавуваше, но родителите на убиените деца го потсетија. Заев им тврдел дека возилото Опел Омега со кое се возеле убијците, било на МВР, за во февруари годинава да објасни дека таква информација слушнал, но апсурдот да биде уште поголем на кој предочи таткото на убиениот Александар, Горан Наќески, во самата пресуда која ја имал Заев била белешка од Интерпол во која пишувало дека возилото е на жител од Качаник. На прашање на адвокатот Насер Рауфи, Заев не се сеќаваше ниту што зборувал на средба на која присуствувале и претставници на меѓународната заедница.

„А дали се сеќавате дека рековте дека авторот на предметот, „Монструм“ е Синиша Алексоски – праша НАсер Рауфи, мислејќи на советникот за национална безбедност во кабинетот на поранешниот претседател на државата Иванов

„Не се сеќавам да сум спомнал такво нешто. Може сум прочитал нешто, сум слушнал нешто затоа пак ќе кажам дека случајот треба да се истражи до крај“ – одговори Заев

Уште кога беше донесена оваа одлука постоеја сомнежи дека станува збор за политички пазар меѓу ДУИ и СДСМ. Предметот го зеде СЈО и место во затвор првично осудените од своите домови доаѓаат во судските клупи. Дека политиката замешала прсти во случајот за петкратното убиство потврди и лидерот на интегративците Али Ахмети. Тој се појави во судница како сведок, а по рочиштето пред медиумите изјави дека немало политички притисоци врз судот, иако како што договорот паднал меѓу политичките чинители.

Сме разговарале со политички авторитети, затоа што политичките авторитети и политичките партии имаат одговорност за да ја менаџираат ситуацијата и на крај наша проценка беше дека ова судење мора да се повтори со биолошки, со материјални докази на најтранспарентен начин за целата јавност, рече Али Ахмети, претседателот на ДУИ.

Доживотна казна затвор за тероризам во 2014-та година првично добија Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, за убиството на младите момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и 45 годишниот Борче Стевковски. Бо бегство и се уште недостапни за органите се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кој некое време беа во затвор во Косово, а сега никој не знае каде се.

Матеја Петровски