Островот Истанбул

Ако со брод го препловувате морскиот премин Босфор значи патувате помеѓу бреговите на  Европа и Азија  и  тоа  среде  еден  од најголемите градови  во светот  Истанбул.   Овој  географски  важен  проток  кој прави конекција помеѓу  Црноморскиот басен и Медитеранот  имал толку големо значење  за светската историја,  економија и култура  што еден негов  страничен  залив го добил името  Златен Рог. 

Ретко  која  војска  и звучно име  не поминале  преку  Босфорот.   Од  персиските цареви, Александар Македонски,  преку  римските императори  и  многуте  султани.  Приказната добива и други димензии со присуството на сите активни дејци на христијанството подоцна канонизирани како светители и  учителите  на  разни  религии.  Место од каде западниот свет ја презел идејата за  кафе ресторани  со  дружење и  пиење на  кафето или  чајот.   Тука,  уште пред  500 години пловел и цртал  познатиот Архитект  Синан Мимар,  а денеска Универизитетот за ликовни уметности  кој  го носи  неговото  име  е  подигнат  крај  Босфорот.

Морскиот  проток  Босфор има огромен капацитет кој исхранува  околу  17 милиони жители на  Истанбул  и  чие  економско значење се потенцира со тоа што регионот е препознатлив по високото ГДП  еднакво на одредени европски престолнини ( за разлика од Анадолија).  Минатата година тука поминале околу   40.000 пловила  од  чие  дејство  особено  зависат  земјите  од  Црноморскиот  Басен  како Русија,  Украина,  Романија,  Бугарија,  Грузија.

Во 1936 година пред почетокот на  светската војна  се уште слабата Турција морала  да ги прифаќа сите барања на светските сили па така е склучена  Конвенцијата од Монтро.  Според  неа  Турција има контрола над  Дарданелите  и  Босфорот  така што  го  гарантира слободниот  проток  на цивилните бродови  и  се ограничува протокот на  воени  пловила  ( носачи на авиони и оружја со одреден калибар)  особено  поврзано со  конфликти  и војни.  

Меѓутоа,  Туркие денеска актуелизира еден стар проект на кој меѓу првите  работел архитектот  Мимар.  Прекопување на вештачки поморски канал паралелно со Босфорот.  Некаде во средината на  2021 година се започна со работа на  проектот  наречен  Истанбул Канал  кој практично е прекопување на нов  пловен  канал во Европскиот дел на Истанбул.   И пред  Мимар постоеле нацрти за овој канал, а и по него до денешен ден се правени многу проекти.  Очигледно уште многу одамна се размислувало за тоа како да се создаде алтернатива гарантирана како избор на оние кои пловат.

,,Нов здив ќе земе регионот преку  Истанбул Канал.  Сакале вие  или  не сакале,  ние ќе го изградиме и предадеме на нацијата”  се зборовите на Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган кажани во Парламентот.  Додека  Суецкиот канал на Египет му носи 15 проценти  од буџетот,  а  Панама од каналот инкасира  10 проценти  за  својот буџет ,  Турција нема никаква особена добивка од фреквентноста  на Босфорот . Пловилата плаќат такса за санитарни проверки,  навигација  и  осигурувања  со што според одредени  податоци  државата  слабо инкасира (185 милиони долари).

Истанбул Канал ветува дека  бродовите  повеќе  нема да чекаат влез и излез.  За да не настане голема мешаница  во водите на Босфорот  турските власти го  ограничуват  преминот на бродовите.  За времето на чекањето и пловењето сериозно се загрозува еколошката средина.   Големите компании и државите трошат многу пари.   Новиот канал кој  се прекопува во Европскиот  дел  има должина  од 45 километри  и ширина од околу 300 метри  и нуди  вистинско решение.

Станува збор за инвестиција од 15 милијарди евра,  додека уште 10 милијарди ќе бидат ангажирани заради уредување на околината.  Изградба на реони за населување на жители, индустриски зони и еден грандиозно замислен аеродром.    Се очекува дека овој канал ќе биде готов во 2027 година и дека годишно ќе носи околу  9 милијарди  евра  приходи  за Турција. 

Практично,  Истанбул со својот  Европски  живописен  дел – ќе стане  остров.

Се вели дека овој нов проток може да значи и промена на Туркие во меѓународната политика.  Во смисла на важењето   на  правилата  на Конвенцијата од Монтро.  Односно   дали освен економската  разлика  Туркие ќе направи промена во приодот на воените бродови кон Црноморскиот Басен.   Постои ли можност  планот кој не им успеа на султаните,  а сега станува реалност за Претседателот Ердоган  да  значи дека државата преку овој канал ќе може да пропушта  воени  бродови  во  Црното  море  и,  во обратен правец   одредени флоти  да  имат полесен   пристап   до  Медитеранот.

Ова може да се сфати и како проблем за земјите од истокот  ( за Русија со можноста НАТО бродовите да влегуват полесно кон Црното Море) .  Сепак за  инвестирање во регионот  сериозно  се  заинтересирани земјите од БРИКС,  а арапските супер богати луѓе интензивно купуват земјишта во тој дел.

Но, протестите кои се одржуваат во врска со прекопувањето на овој канал имат некако слична реторика на оние што се против проектите и кај нас  на Балканот.   Аргументите се реални,  се  протеститра  затоа што ќе се прекопа многу земја,  некои  населби ќе бидат потопени,  ќе се исечат многу дрвја и ќе се оштети природниот амбиент.  Особено  се експлоатира аргументот дека каналот може да ги загрози слатките води со кои се снабдува Истанбул како град.  Па голем е процентот на граѓани кои се против  Истанбул Канал.  Вообичаена слика на градење на  светски мега  проект и неговата реакција на локалното население.  Иако паѓа во очи дека реакцијата на населението сепак има   форми кои доаѓат до израз помалку како еколошки и повеќе  изразено  политички  маркетинг.

Конечно,  дури и да не настане сериозна  промена во политиката на Турција на меѓународен план, Истанбул Канал покрај економскиот бенефит  ќе ја засили на тој начин  познатата  супер  позиција на Турција на меѓународен план.   Да  умее  истовремено  да соработува,  да припаѓа  и  да држи еднаква дистанца  со  две  или  повеќе  непомирливи сили и интереси.  Нешто што е имиџ на оваа политика последните децении  и  во  што очигледно  вреди да се инверстира.   Истанбул Каналот и Островот Истанбул  уште сега недвосмислено    придонесуват  кон  меѓународната   супер позиција на Турција.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста