Острицата на безбедноста „ЕСЗ Тигар“ меѓу првите во светот

Врвот на острицата на македонската полиција – ЕСЗ Тигар, повторно потврди дека за нив нема невозможна мисија. Месецов предизвик им беше меѓународниот натпревар во Аман – Јордан, каде покажаа дека се меѓу најдобрите специјалците во светот. Денеска ги посетивме во базата во Скопје. Ова се момците кои го освоија првото место во конкуренција од 39 тимови специјалци од 27 земји во светот, во една од најсложените дисциплини TOP SHOT.

Нема совршен план за која било ситуација, така беше и во Јордан раскажуваат специјалците. Натпреварот траеше 5 дена, пешачење и до 15 километри, со комплетна воена опрема, тешка 40 килограми. Но издржливоста е само минимален дел од задачите што требаше да ги решиме.

-Еден учесник на натпреварот треба да биде комплетен да ги поседува сите вештини, а тоа е да биде прецизен со своето оружје, добро да ракува со него, да пука во движење, со оптеретување, под стрес, отежнати услови, затемнети простории, во темна средина, во дезориентирана средина  и сето тоа да биде со ограничен број куршуми и во ограничено време- вели припадник на ЕСЗ.

– Покрај експлозивноста прецизноста и правилно и брзо ракување со огнено оружје беше потребна беше потребна и перцептивна способност на натпреварувачите. Тоа значи дека имаше многу мети, доколку пропуштите само една мета сте го изгубиле натпреварот – вели еден од припадниците на ЕСЗ, учесник во натпреварот.

-Работевме благодарение на нашето долгогодишно искуство кое го имаме стекнато досега во нашата Единица вели еден специјалец.

Сите овие натпревари се размена на искуства но и покажуваат дека специјалците се флексибилни, мобилни и подготвени во секој момент да реагираат во склад со ситуацијата, вели нивниот командант Митко Даневски.

-Единицата во своето 38 годишно функционирање има изградено свој концепт, свои методи, техника на работа и доаѓа до израз нивното презентирање на тие заеднички натпревари и семинари. Втората димензија е едукативниот карактер на Единицата, бидејќи таму се разменуваат сите нови техники, методи и напредокот на воената индустрија – рече Даневски командант на ЕСЗ.

Златниот шлем на воинот сега е дел од спомен собата на Тигрите. И оваа статуетка на храброста, посветена на нивните колеги, кои загинаа бранејќи ја државата.

Слава им!

Катерина Гетева