Остри реакции за Законот со кој ќе се казнува за „негативно мислење“

„Ако ја фалите власта, нема да ве тужат за клевета“, „цензура на мала врата“, „латентни нацисти“, „Македонија станува заробена држава“ – вакви реакции предизвика Предлог законот со кој ќе се казнува секој граѓанин кој истакнал негативно мислење. Владата преку Министерството за правда, пушти во собраниска процедура скандалозни измени во Законот за одговорност за навреда и клевета. Познавачите на проблематиката остро реагираат.

Новиот предлог да се одговара за навреда и за ‘негативно мислење’ не е ништо помалку од цензура на мала врата! Јас можам да напишам дека Владата не работи добро – оп тужба за навреда. Комшијата има лоша фризура – оп навреда. Кои латентни нацисти сте Вие! – пишува адвокатот Јанаки Митровски.

Коментирајќи го Предлог Законот, адвокатот Александар Тортевски и порача на јавноста – Само фалете ја власта дека ве усреќува и нема никогаш да ве тужат за клевета.

Откако јавноста збесна за планот на власта – ресорното Министерство се оправда дека формулацијата на реченицата била погрешна.

Министерството за правда ја информира јавноста дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа – велат од Министерство за правда.

Реагираа и од Здружението на новинари дека новиот закон ќе му штети на слободното изразување.

„Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување – велат од ЗНМ.

Во делот одговорност за навреда и члевета во предлогот пишува: „За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста