Остра реакција од бизнисмените за ребалансот на буџетот кој го скрои власта

Владата е преголем оптимист – реагираат дел од бизнисмените по објавата на ребалансот на буџетот. Фирми се затвораат, луѓе остануваат без работа, а јавниот долг непрестајно расте. Стопанствениците сметаат дека рецесијата ќе биде поголема од минус 4,4%, а дупката во државната каса ќе ги надмине проектираните 8,4% или 920 милиони евра. Според нив, Владата не очекувала поголеми приходи во буџетот, бидејќи бизнисот нема скоро да застане на нозе и да продолжи да ја полни државната каса преку даноци, придонеси, царини. Велат задолжувањето ќе било поголемо од планираното. Владата веќе најави дека ќе позајмува пари од македонските банки на краток рок, додека фирмите токму од нив очекуваат поевтини кредити.

Владата нема капацитет да реализира 100% од капиталните инвестиции кои два пати се скратија, од првичните 420 милиони на 300 милиони евра – алармира бизнисот. Премалку биле намалени непродуктивните трошоци – само 44 милиони од најавените 160 милиони евра. Проектите и лошо се планираат, и слабо се реализираат. Стопанствениците не веруваат дека проектите за кои Владата остави пари до крајот на годинава, навистина ќе ги истера до крај.

Ребалансот е направен за да се вбризгаат 470 милиони евра во стопанството и кај населението. Бизнисот повторно е скептичен. Само една третина од предвидените пари во 3-те сета мерки или неполни 150 милиони евра се слеаја кај компаниите. Дел од неискористените пари само се префрлаа во секој нареден пакет мерки за помош. Се уште не се донесени подзаконските акти, па фирмите не ги знаат во целост потребните критериуми за аплицирање. Владата со ребалансот на буџетот предвиде најголеми расходи досега кои надминуваат 4 милијарди евра и јавен долг кој ќе надмине 60% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста