Оставката на Заев: вистинско чувство на одговорност или нов политички маневар за да го задржи СДСМ на власт?

Вистинско повлекување или чист маневар на Зоран Заев со поднесувањето на оставката за да ја задржи СДСМ на власт? Бројни дилеми се наметнуваат по дебаклот со изборните резултати па веќе во јавноста наголемо се збори дали Заев вака лесно би се откажал од централната власт. На маса се отворени неколку опции за да се задржи власта – самиот да предложи нов мандатар кој би бил по негов терк во нова влада, во овој случај СДСМ како најголема партија во коалицијата може да понуди свој кандидат или да се договори со коалиционите партнери за кандидат од нивните редови или независен експерт како кандидат. Отворена е и опцијата да има предвремени парламентарни избори со техничка влада 100 дена пред избори.

Сепак по ваквото фијаско Заев и владата нема легитимитет и ја изгубија политичка доверба кај народот, коментира професорот по уставно право Осман Кадриу, според кого актуелното мнозинство во парламентот да си направи влада по примерот на Црвенковски кога ја напушти премиерската функција.

Трета варијанта е актуелното мнозинство во парламентот да си направи влада по примерот кога Бранко Црвенковски замина од премиерската функција и на негово место дојде Хари Костов и кога и Костов поднесе оставка па беше избран Владо Бучковски за премиер. Ова по Устав е можно, ама е политичко некоректно. Оваа влада нема легитимитет пред народот и тоа го покажаа изборите. Оваа влада изгуби политичка доверба кај народот, вели Кадриу.

Експертите наметнуваат уште една дилема, дали оставката на Заев е всушност резултат на чувството на одговорност или обид да се избега од исходот од катастрофалните резултати во кои СДСМ ја изгуби апсолутната локална власт.Откако дел од коалиционите партнери свесно се дистанцираа од Заев и наместо поддршка оставија граѓаните сами да и пресудат на власта,  главната грижа на Заев сега е како да го одржи кревкото парламентарно мнозинство, вели за Алфа аналитичарот Владимир Божиновски.

Во комбинаториките за задржување на власта влегува и ДУИ особено по поразот кој го претрпе со позицијата во Тетово. Изборните резултати се уште едно предупредување за партијата на Ахмети.  Во следните неколку дена во Бихаќка ќе се калкулира како да се задржат позициите без да претрпат дополнителен удар во коалицијата и парламентарното мнозинство.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста