Оставката на Заев на стендбај-ќе додржи ли премиерот до ветеното или се бара излезно сценарио?

Ќе остане ли понудената оставка на премиерот Зоран Заев само усно кажана? Два дена нема никаква информација зошто премиерот молчи за неговото повлекување кое самиот го најави по фијаското со изборните резултати и губењето на апсолутната локална власт. Во Парламентот и денеска нема ништо стигнато написмено– собраниските служби велат дека додека не стигне пишано барање од Заев постапката не може да започне. Од кабинетот на собранискиот спикер Џафери кратко одговорија дека немаат ништо добиено од Влада. И од кај претседателот Пендаровски го чекаат Заев. Официјално никој се уште не го информирал за оставката на Заев која толку сигурно беше најавена.

-Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка , претседателот во рамките на уставниот рок од 10 дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите коишто имаат мнозинство во Собранието, стои во пораката од кабинетот на Пендаровски.

Јавноста чека на оставката на Заев, ама нема ниту ново парламентарно мнозинство. Коалиционите партнери на СДСМ бараат Заев да се предомисли за оставката. Иако помалите партии во пресрет на одлучувачкиот втор круг на изборите не му дадоа јасна поддршка на Заев сепак велат мнозинството во парламентот било компактно. Последната изјава на претседателот на ЛДП Милевски ја наметнува токму дилемата дали коалицијата на Заев е единствена во ставовите.

Согласно Деловникот откако оставката на Заев ќе стигне во Собрание Џафери има обврска веднаш да го извести шефот на државата Пендаровски и пратениците. Собранието на првата наредна седница, без претрес и расправа, констатира дека на премиерот и на целата Влада мандатот им престанува на денот на одржувањето на собраниската седница.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста