„Оставка од Заев, слобода за народот“ – масовни протести во дури 20 градови низ Македонија

Да излезме сега за да не е предоцна, зашто Заев се обидува да ги распродаде македонските национални интереси во преговорите со Бугарија, порачаа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од протестот пред Владата. Пораките кои се испраќаат на овие протести се дека Заев мора да си поднесе оставка бидејќи тргува со македонскиот идентитет, а тоа народот нема да му го дозволи.

  • Ние, треба да се срамиме единствено од нив, од Заев, од Бучковски и тие околу него. Имаме двајца докажани криминалци, двајца осудени криминалци кои преговараат за се што е македонско, на кои што овде не им е местото, истакна Јанушев.

Тој ги повика сите граѓани да се придружат на секојдневните протести, затоа што еден единствен човек е непријател на Македонија и македонскиот народ и и на сите оние кои што живеат во Република Македонија, тој човек има име и презиме и се вика Зоран Заев.

Овие трговци сместени во владата одлучија да распродаваат сé, но ние нема да го дозволиме тоа, најсветото за Македонците и Македонија, рече пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ.

  • Четири години граѓаните се соочуваат со пораз, економијата е на колена сиромаштијата расте, а младите ја имаат картата за еден правец, кажа Петрушевска.
  • Драги браќа и сестри, како да не беше доволно што секојдневно сведочиме на домашни порази, сега сме седоци и на порази на надворешен план. Заев распродава! Ние тоа нема да го дозволиме, целиот свет знае дека основната вредност на ЕУ е обидинети во различностите. Сите ја знаат вредноста на посебноста на нашата култура, историја, само Зоран Заев не го знае тоа, рече Петрушевска.

Истовремено, незадоволство од македонската дипломатија беше искажано и пред Министерствата за надворешни работи и за правда. Граѓанскиот револт, потоа, продолжи и на улиците низ 20 градови од Македонија.

Од најголемата опозициска партија алармираат дека ако Заев продолжи со распродажба на Македонија, ќе одговара за велепредавство.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ отпочнавме и укажавме на владата на Зоран Заев дека е штетен анексот на Договорот, дека води штетни политики, дека никој никогаш не може да одредува идентитет на народ, истакна вечерва на протестот во Кичево генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски.

  • Никој нема право никому да му го одземе мајчиниот јазик, тој е само мајчин и негов јазик. Никој не може да ја креира историјата на никој народ, бидејќи историјата ја градат народите, не се потпишува, не може ниту Заев ниту Борисов да ја одредат историјата. Никој никому не може да му одреди каков народ е. Ние сме посебен народ, ние сме македонски народ, ние сме народ кој што низ вековите живеел, ја градел својата иднина и го исцртувал минатото, рече Сајкоски.

Се протестираше и во Куманово, Тетово, Крива Паланка, Македонска Каменица, Пробиштип, Свети Николе, Велес, Делчево, Кочани, Виница, Пехчево, Берово, Босилово, Неготино, Кавадарци, Кичево, Струга, Охрид, Ресен и Битола.

„Денес е денот кога треба да се стави крај на тргувањето на идентитетот, јазикот, историјата“, посочуваат од опозициската партија, од каде најавуваат нови протести.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста