Оставка бара и лекарската фела: Филипче чувствувал нешто, но се чини тоа не е морална одговорност

Венко Филипче не сака ниту да слушне за морална одговорност. И покрај жестоките реакции од јавноста и барањата за оставка, министерот за здравство за такво нешто ќе размислувал дури по крајот на истрагата. Првиот човек на македонското здравство, по трагедијата во Тетово, каде животот го загубија 14 лица, дури и не одговори на прашањето дали барем чувствува морална одговорност.

(МИНИСТРЕ ДАЛИ ЧУВСТВУВАТЕ МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ТРАГЕДИЈАТА КОЈА СЕ СЛУЧИ ВЧЕРА?) Како што кажав стварно тешко можам да го опишам чувството кое што го чувствувам од синоќа, денеска, сочувството кое што го имам со семејствата. Меѓутоа со тие одлуки навистина треба човек да живее и јас апсолутно ќе чекам да заврши истрагата.

А покрај обичните граѓани кои жестоко реагираа на социјалните мрежи, оставка од Филипче бара и лекарската фела. Доктор Фадил Цана од Инфективна, вели дека како лекар смета дека за оваа трагедија мора да има одговорност од министерот.

-Сметам дека било кој, не само министерот, да беше во таа позиција и во било која држава, морално би требало да се сноси одговорност и да им се отвори пат на органите за истрага. Морална е обврската да се даде оставка, а пред тоа би требало прво што е до негова надлежност, сите одговорни во раководењето на тетовската болница да бидат разрешени, вели Цана.

А барања за оставка од Филипче е и една од главните теми на социјалните мрежи.

Филипче ќе чекал да заврши истрагата за да видел дали да си даде оставка. Тикво, не ти треба истрага за морална одговорност, ако истрагата покаже дека си виновен ќе си добиеш кривична !

Не е будала Филипче да си даде оставка, какви тендери сега ќе фрчат од новиот клинички, ќе лапа пари.

Објективна истрага кога Заев и Филипче ќе водат истрага за Заев и Филипче.

Инаку, оставките од морални причини се честа појава низ светот, а биле случај и во Македонија. Прв кој понесе морална одговорност беше министерот за транспорт и врски, Антони Пешев во 1993 година, кога премиер беше Бранко Црвенковски. А причина беа две авионски несреќи во краток период. Прво, на петти март 93-та, на полетување од скопскиот Аеродром се утна патнички авион ФОКЕР 100 на компанијата Палер Македонија со 97 патници, а во несреќата загинаа 86 патници.

Потоа на 22 ноември истата година, кај охридскиот аеродром се случи и втора воздухопловна несреќа. Патнички авион „Јак-42Д“ на Авиоимпекс се урна и однесе во смрт 115 луѓе, а само еден преживеа. Авионот беше на рута од Женева за Скопје, каде требаше да слета.

Во 2009-та оставка поради морални причини поднесе и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, која сепак на крајот беше одбиена од тогашниот премиер Никола Груевски. Причина беше бродската несреќа во Охрид, каде загинаа 15 лица при потонувањето на бродот „Илинден“,

-Денес во телефонски разговор со претседателот на Владата ја поднесов мојата оставка од морални причини, бидејќи Капетанијата која е орган во состав на Министерството за транспорт и врски е надлежна за Охридското езеро. И денес од морален чин, чин кој се случил, ја зборев со луѓето, 10-тина години се нема случено со голем број на жртви, од морална одговорност денеска поднесов оставка, изјави во 2009-та година Јанакиески.

Инаку, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска издаде наредба да ја добие целата документација за 19-те изградени монтажни болници, откако Филипче ги повика истражните органи да ги истражат јавните набавки.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста