Останува неизвесноста кај македонските земјоделци околу исплатата на парите од петтиот ковид пакет

Се обистинија стравувањата на македонските земјоделци дека со исплатата на парите од Петтиот Ковид-пакет, но и со доисплатата на субвенциите, власта ќе тактизира цело лето. Пратениците веќе отидоа на одмор, а разочараните и револтирани земјоделци, оставени без пари, својот гнев го истураат на социјалните мрежи.

Џафери ги пушти пратениците на заслужен одмор. Тутунарите од страна на Ковид, можат да добијат само „индиски сој“, не дај Боже. Ковид пакет, по се изгледа, ќе добиеме „мало сутра“.

„Чекајте, му се скина европското знаменце, инаку досега ќе го донесеа Законот за Петтиот пакет за тутунот“.

„Иди од далеку, со брод“

„Ковид-пакетот преку Али Експрес да идеше, ќе стасаше досега“ – коментираат тутунарите на социјалните мрежи.

Според Игор Мирчески пак, кој беше и еден од иницијаторите на Петровденскиот генерален, предупредувачки земјоделски протест, ваквото понижување и игнорирање од страна на власта, не било ништо друго, туку уште еден силен аларм за нив, за реактивирање на протестите.

„Здруженијата кои што го организираа претходниот, предупредувачки протест во Прилеп, по празникот Илинден, ќе одржат еден работен состанок, со една единствена точка, ако во случај не се исплатат во најкус можен рок субвенциите и Ковид-пакетот, ќе биде закажување и организација на масовен протест, кој највероватно ќе се случи во Скопје, пред Влада. Кога ќе биде тоа, сега не можам да кажам, бидејќи тоа ќе биде заедничка одлука на сите здруженија“, – ни изјави за Алфа, Игор Мирчески, иницијатор на земјоделските протести.

  Дека состојбата со македонското тутунопроизводство е повеќе од алармантна, деновиве укажаа и пратениците од опозицијата. Тие се обврзаа дека при првата прилика кога ќе има мнозинство за тоа, ќе изгласаат и Закон со кој стриктно ќе се забрани увозот на тутун се’ додека не биде откупен и последниот лист од македонскиот земјоделец. 

„На самиот почеток на годинашната реколта, ја предупредуваме Владата да не се обидува повторно да ги изигра тутунарите и ја повикуваме уште од сега, навреме да не дозволи увоз и шверц на тутун пред да се откупи и последниот лист од домашното, македонско производство“ – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.

Заради голготата низ која поминуваат во последниве неколку години, македонските земјоделци велат дека најголемиот нивни протест ќе бил на престојните локални избори на кои властите конечно ќе ја согледале вистинската сила и моќта на земјоделците.  

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста