Останува енигма од кога навистина е присутен Ковид 19 во Македонија

Експерти од судска медицина, научници од МАНУ, тим на епидемиолози ќе се вклучат да го истражуваат мистериозниот случај со починатата велешанка, која е позитивна на коронавирус, а за која се претпоставува дека починала уште во јануари пред да биде регистриран првиот случај на ова заболување во Европа. За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација, затоа што овој случај може да ја смени комплетната слика за епидемијата, не само во Македонија туку ина глобално ниво.

Експертите ќе бараат одговор дали корона вирусот се населил во Македонија пред било која држава надвор од Кина, затоа што жената од Велес, за која е сигурно дека починала пред повеќе од една недела пред телото да биде најдено во понеделеникот, била позитивна на Ковид 19. Вирусот е откриен за време на обдукцијата, но сега се прави дополнителен тест за да се потврди присутноста на вирусот. Веста ги вознемири граѓаните, но ги збуни и епидемиолозите. Никој не знае како се заразила и како воопшто вирусот е најден кај неа. Таа живеела сама со син и, и не била во Кина. Последен пат соседите ја виделе во јануари, но тогаш кај нас немаше заболени. Првиот случај е регистриран дури на 26 февруари, а во Европа прв случај е забележан во Франција на 24 Јануари.

И министерот Филипче се сомнева дека е можно короната да е присутна кај нас уште од порано, имајќи го в предвид големиот број на заразени со сезонски грип, кои ги има сличните симптоми на Ковид 19. Доктор Арбен Зибери од Центарот за јавно здравје за Алфа вели оти лично верувал дека вирусот бил присутен во земјава уште пред првиот официјален случај.

„Јас лично верувам дека корона вирусот бил присутен и претходно. Ова се темели на фактот дека зимава имавме навистина зголемен број на болни од сезонски грип, но допрва ќе треба да утврдиме дали кај дел од воие пациенти бил присутен вирусот Ковид 19“, вели Арбен Зибери од ЦЈЗ.

Дел од епидемиолозите кои ги контактираше Алфа се збунети. Не сакаат да коментираат бидејќи и за нив целата ситуација е чудна. Од фелата одговор нема ниту на прашањата дали проблемот е во тестовите кои го детектираат овој вирус, а би можеле да ги „ловат“ и старите веќе познати корона вируси? Ниту пак дали вирусот може да преживее со месеци во тело кое се распаѓа? Телата на жената и нејзиниот син, во понеделникот ги најде полицијата по пријава на соседи дека од станот се шири непријатна миризба. За семејството, соседите велат дека биле болни, ретко излегувале и никој не им одел на гости, па се сомневаат дали старицата навистина го имала вирусот.

Биљана Божиновска