Осомничениот малолетник за убиството во Прилеп имал и список за отстрел и на други лица ?!
„Нефункционалните институции ми го убија детето. Мојот син заврши во црната земја оти тие што требаше да преземат соодветни мерки против тој што го уби, не презедоа апсолутно ништо.Тоа дете-убиец требаше да се лекува, а не слободно да шета наоружан со ножеви и да убива по напишан список“, обвинува мајката на 14-годишниот Александар Димов, во чиј дом веќе неколку дена се слуша само лелекањето и плачот. Скршени од болка и тага, и се уште во голем шок и неверување за огромната трагедија што ги снајде, семејството Димови, никако не успева да се помири со загубата на своето чедо. Таткото Тоше сите овие денови или е на гробишта, или е во Итната помош, вели ќе му пукне срцето од жал, а двете помали братчиња и сестричката на Алекснадар, несвесни што се случува, само немо гледаат во фотографијата од својот најголем брат. Мајката Маријана пак, вели дека се држи, но како, само душата и’ знае, a таа – силно и’ крвари.
„Уште сум во шок јас. Како мајка не можам да се помирам дека ми го нема повеќе детето. Еднаш се скарале на продавница, сакал со пивско шише да го удри, само едно другарче го тргнало и така го спасило. И сега, некни му рекол – дојди Прилеп да се видиме. Не можеше тука да го стори убиството, му направи стапица во Прилеп. Го планирал овој убиството. Правда, да не излезе од затвор, никогаш да не излезе, само правда барам, оти ако го пуштат, тој и други деца ќе отепа, оти си имал список, си планирал, список си имал со 10 деца да отепа“, – низ солзи раскажува Маријана Димова, мајка на убиениот Александар Димов.
„Ако не беше во ред, требаше мајка му да си бара чаре, а не вака детето да ни настрада ни криво, ни должно, за што? Социјални грижи каде се, ова не е маче, не е куче, дете е бе. 14 години да го гледаш и од раце да ти го земе некој“, – плачејќи вели Анита Спасеска, тетка на убиениот Александар.
Во селото Сенокос од каде потекнуваат и двете деца, и соселаните раскажуваат дека осомничениот бил опасен. Напад со нож неодамна имал и врз повозрасен човек, без облека трчал низ селото, а многу лесно започнувал и кавги и тепачки употребувајќи разни опасни предмети, најчесто ножеви. Напади со нож имал и врз соученици во училиштето каде што учел.
„Порано беше како подобро детенце, ама сега откако се затвори, почна да прави и проблеми по селово. Во Прилеп во училиштето имаше еден ист таков случај со ножови за да се одбрани. Детево како да „одлепи“, почна да тренира, трчаше сам, не се дружеше многу, не комуницираше со луѓе. А Александар пак, беше супер детенце. Другарство големо имавме со Александар, ама сега ова не можам да го опишам каков монструм да го убие, значи масакар, ова, ова е..масакар го направил“, – вознемирено ни раскажа другар на убиениот Александар.
Дека осомничениот малолетник имал психички проблеми ни потврдија и од СОУ во кое учел. „Од училишните служби беа преземени сите мерки, разговаравме со него и со мајката, пријавувавме во Центарот за социјални работи, па дури, на наше барање, беше испратен и на лекување во Прилеп, и во Скопје. Но, очигледно, надлежните институциите не си ја завршија работата и за жал, дојдовме до ваков фатален исход, од кој и ние стравувавме“, – ни рекоа од училиштето. Мислење побаравме и од надлежниот Центар за социјални работи, меѓутоа до овие вести, оттаму не добивме одговор.
Инаку, осомничениот 16-годишник, веќе е во 30-дневен притвор, определен од судија за деца, а по барање на прилепското обвинителство. Тој се сомничи дека со 10 убоди од нож го усмртил 14-годишниот Александар Димов во центарот на Прилеп на 29 февруари околу 19.30 часот.
Каролина Дурло