Основците во општина Аеродром останаа без училишна храна, Марин молчи

На првиот училишен ден од второто полугодие децата што посетуваат целодневна настава во основните училишта низ скопски Аеродром останаа гладни. Оние родители што не знаеле дека нема да има храна за учениците, не подготвиле оброци од дома. Но дел велат оти на време биле информирани.

Проблемот, неофицијално, е поништена постапка за избор на фирма на ниво на општина. А истиот не е решен и по три неделниот распуст што понуди можност за решение која компанија да биде задолжена за храната на децата. Директорите на училиштата не сакаа да говорат пред камерите. Некои од нив не сакаа ниту да не примат внатре, па преку обезбедувањето ни порачаа оти не биле расположени за разговор со новинири. Но дел беа, па зад камерата на Алфа појаснија оти проблем има, но не знаат кога ќе биде решен односно кога ќе биде завршена постапката.

Според директорите, изборот на фирма за храна, секое училиште, си го вршело посебно, но од лани, организацијата за ова оди преку општината.

Алфа се обиде да стапи во контакт со градоначалникот Златко Марин. Освен што не одговори на телефонските повици, реши да ги игнорира и смс пораките. Но, од ПР службата ни посочија оти ќе добиеме одговори во писмена форма.

До почетокот на овие вести, одговор на прашањата, помеѓу кои, зошто постапката доцни и според кои правилници избор на фирма се врши за сите училишта, нема.

Па, неминовно се поставуваат прашањата, до кога учениците ќе седат гладни, и дали и со храната ќе се повтори истото како со чекањето на униформите што траеше со месеци?

За потсетување, во планот за живот за локалните проблеми со воспитно -образовните институции стои дека во општина Аеродром ќе се води посебна сметка за здравата искрана на децата. А има и многубројни ветувања за подобрување на условите.

-Нови детски градинки во населба Мичурин и населба Лисиче (Тодор Чангов); Енергетски ефикасни градинки (реконструкција на постојните); Нови наставно-образовни помагала; Континуирано обновување на наставно-образовните помагала и инвентар; Нови детски игралишта и континуирано одржување на веќе постојните; Посебна грижа за здравата исхрана на децата, се наведува во програмата.

Засега од здравата исхрана, родителите чекаат само на навремено обезбедување на истата.

Сања Трајковска Ставров 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста