Османи за случувањата во Битола: Ние излеговме победници

За министерот за надворешни работи Бујар Османи, тоа што се случи викендов во Битола било победа за Македонија.

-Ние излеговме победници од ова што се случи, изјави Османи.

Наместо конкретен одговор на провокациите дека Македонија била окупирана бугарска територија, создадена од Јосип Броз Тито, вели добро било што не сме дозволиле да бидеме обвинети за прекршување на човековите права. Според него тоа била целта на одредени луѓе во саботата.

-Дел од присутните имаа намера да провоцираат наша реакција токму за да обезбедат алиби пред Европската унија, пред светот дека навистина имаат право кога велат дека овде се газат човековите права не се почитуваат човековите права. Моја должност тој ден беше да не се обезбеди тоа алиби. Мислев и се уште мислам дека тоа беше најважното прашање за нас беше да не дозволиме да се создаде алиби кое што они ќе го користат, изјави Османи.

Со потезите направени викендов се прекршуваат точките 1 и 6 од член 11 од договорот за добрососедство со источниот сосед.

-Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности, се вели во член 11 став 1 од Договорот за добрососедство со Бугарија..

-Двете Договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи, се вели во член 11 став 6 од Договорот за добрососедство со Бугарија.

За Османи тоа не било прекршување на договорот, туку спуштање на облак на него, но немал да дозволи тоа да го нарушува процесот на преговори со Бугарија.

-Точно е дека е ставена дамка на односите, на разговорите, на преговорите, еден облак е спуштен во сето тоа што се обидовме овие шест месеци да го изградиме за да го расчистиме да го разбистриме воздухот пред нас. Но не можам да дозволам ова да го руши процесот, изјави Османи.

Министерот за надворешни работи потенцираше дека тие ќе присуствувале на отворањето на бугарскиот културен клуб во Битола, но причината што не отишле таму е името на Ванчо Михајлов. Запрашан зошто немаше делегација на македонската Влада на чествувањето на годишнината од смртта на Јане Сандандски, вели причината била што не биле поканети.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста