Османи за македонскиот јазик и идентитет: Ќе оставиме уште три дена дали ќе се најде заеднички јазик

Рокот да се прифатат бугарските уцени и условувања истече вчера, но македонската Влада се крсти и изразува надеж дека во следниве три дена ќе се постигне договор со Бугарија за јазикот и идентитетот. Додека премиерот Заев молчи и не открива ништо, малку повеќе од него кажува министерот за надворешни Бујар Османи. Директно запрашан до каде се преговорите за овие две горливи теми, Османи порача да почекаме што ќе биде до 17-ти.

-За тие прашања досега немаше разговори, освен за можноста за издвоено мислење, кое што го кажав на еден состанок со вас.  Меѓутоа, ќе оставиме уште овие три дена дали ќе се најде заеднички јазик по однос на овие прашања, изјави Османи.

Османи сепак е свесен дека бугарската блокада е се поизвесна во вторник, но вели бил постигнат напредок за 7-8 точки, но ниту една од нив за клучните теми.

-Не е ништо спорно се реферираат на овие државни граници на Република Северна Македонија, прашањата по однос на рехабилитацијата на жртвите од комунизмот, прашањето во однос на немешање во внатрешните работи на соседите, прашањето во однос на економската соработка, акциони планови, за инфраструктурното поврзување на државите, изјави Османи.

Поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во гостување во „Што не е јасно“ на Алфа, порача дека Македонија и покрај ветото кое што ќе го добие, мора да ја продолжи својата борба во рамките на европските практики, зачувувајќи ја националната идентичност. Според Ѓорчев македонските политички субјекти веднаш по независноста требало да постигнат договор за црвените линии, од кои нема да има отстапување. 

-За прашања за кои што не може да се дискутира треба да кажеме на сите и во Европа, независно како ќе не гледаат и на соседите, дека по прашањето на македонската држава и нејзините основни атрибути, нација и јазик едноставно не ни е дозволено, изјави Ѓорчев.

За разлика од Османи кој порача дека е можно да се најде заеднички јазик со Бугарија за јазикот и идентетот, премиерот Заев и претседателот Пендаровски во неколку наврати убедуваа дека за тие две точки нема да има никакви преговори.

Матеја Петровски