Османи во нова мониторинг мисија – по двојазичните табли сега во инспекција и за европските пари

Вицепремиерот Бујар Османи во нова инспекција на институциите– овој пат како се трошат европските пари. Откако пред неполн месец ги чешлаше институциите кои немаа двојазични табли, сега на пат до граничниот премин Ќафасан проверува колку парите од европските ИПА фондови правилно се искористени.

Со истата службена „шкода“ Османи најпрво правеше мониторинг на царински терминал на границата со Албанија за кој се издвоени над 1 милион евра од ИПА средствата, но ги следеше и патиштата кои водат дотаму. Како и во претходното видео, Османи сега му се јавува на Ирфан Бучи, заменик-директорот на Царинската управа. Отчет побара и од министерот за економија, Крешник Бектеши…

Во видеото кое трае десетина минути Османи бара одговори за моменталната состојба и од вработени на граничниот премин. Но вицепремиерот не запира тука, најавува дека ќе ја продолжи неговата мисија како инспектор па надзор ќе имало секоја недела.

Пред неполн месец Османи тргна во инспекција и на институциите – дали се почитува законот за двојазичност и дали таблите се напишани на двата јазика. Мониторингот беше направен со истата „Шкода“ која ја управуваше самиот вицепремиерот, донација од ЕУ, наменето стриктно за спроведување на проекти од Брисел, ама двојазичноста не е еден од нив. Во автомобилот се возеше заедно со директорот на Агенцијата за спроведување на двојазичноста, Илбер Села и целото снимено видео е само на Албански јазик, со исклучок на една секвенца кога вицепремиерот зборува со Македонец од извесна институција. По првото видео се постави и дилемата дали ова е мултиетничност на дело кога едно видео што треба да има улога на промоција е наменето само за одредена публика која разбира албански? Што е со граѓаните што зборуваат Македонски, Турски, Ромски, Влашки и останати јазици?
Инаку токму опозицијата минатата недела обелодени скандал за злоупотреба на европските пари, афера во која биле проневерени 3 милиони евра.

Ивана Соколовиќ Најдова