Османи се закани – нема отстапување од двојазичноста

Османи се закани, не смее да се чепка законот за јазици или ќе се вратиме во период пред 2001 година. Вицепремиерот отворено кажа дека секое поместување на балансот кој се постигнал ќе значи нарушување на оската на која се држи рамнотежата на македонско- албанските односи.

Што тоа значи еднонасочно поместување, кој било обид, на пример дали македонските уставни судии ќе ги надгласаат албанските уставни судии, дали министерството за правда без согласност од целата Влада, дали собранието без согласност од претставниците на етничките заедници се обиде на сензитивното прашање се обиде да пристапи еднонасочно тогаш буквално ја руши оската на која се држи балансот на македонско- албанските односи, вели вицепремиерот.

Истакна дека нема да поддржат измени во законот за двојазичност туку дека ќе работеле на акциски планови и зајакнување на капацитетите за истиот да се имплементира.

Според Османи законот е добар каков што е, но и дека дури треба да биде надграден во делот што се однесува на двојазичност на парите и војничките униформи за кој вели дека Венецијанската комисија дала позитивно мислење.

Венецијанската комисија не е супер маркет каде што може да бирате дали овој продукт ќе го земете, а другиот ќе го оставите . Венецијанската комисија вели, да, да има потешкотии во судството затоа што нема капацитети, но вели да, можете да употребите двојазчинот во банкнотите. И не може вие да отворите дебата за судството а да не отворите за двојазичноста за банкнотите, истакна Османи.

Изјавите на Османи се различни од оние на премиерот Заев кој денеска ги избегна новинарите, но вчера истакна дека ќе го ревидираат законот и ќе го испочитуваат мислењето на Венецијанската комисија.

Добро е што се поминува границата на европската употреба на јазиците, но сепак, нарушувате одредено право, а тоа е правото на еднаква, навремена правда и неспречување на правдата. Тоа е врвно човеково право и се однесува, буквално на сите…..Значи ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин како што тоа Веницијанската комисија го кажува и потоа ќе се пушти во Парламентот за негово донесување, рече премиерот Заев.

Венецијанската комисија во мислењето, ги повика властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Венецијанската комисија оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.

Инаку законот за двојазичност беше и дел од т.н. Тиранска платформа која беше услов за коалицијата СДСМ – ДУИ и која речиси во целост веќе е спроведена.

Meри Ѓорѓиевска

Advertisements