Османи се иззема од Филипче и Заев во врска со скандалот за набавка на кинеските вакцини
Министерот за надворешни работи Бујар Османи се иззема од аферата со набавката на кинеските вакцини – Тврди дека од него никој не побарал да исконтактира со кинеското МНР, а целиот процес за набавката се одвивал помеѓу Министерството за здравство и кинеската амбасада. Иако вообичаено е дипломатиите на две земји меѓусебно да контактираат кога е во прашање ваква важна набавка, се поставува дилемата зошто премиерот и министерот за здравство не го побарале тоа од првиот човек на МНР, кога и самите се пожалија дека две недели немале никаков одговор од кинезите. Наместо тој чекор, Власта одлучила да ја вклучи компанија од Хонг Конг која место нив, требала да преговара со Кина. Османи пак, избегна да одговори дали знае за која фирма се работи.
Во однос на кореспонденцијата со МНР на Кина, таа кореспонденција ја прави Министерството за здравство овде се разбира преку нашата амбасада во Кина меѓутоа МНР не е вклучено во таа комуникација со МНР на Кина директно, туку процесот се одвива преку Министерството за здравство – изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Премиерот Заев призна дека во случајот била вклучена приватна фирма но негираше дека имало скриени намери, како што деновиве се коментира во јавноста. Јавно кажа дека причината поради која Кина го вратила авансот за вакцините била фирмата посредник. И од Министерството за здравство информираа дека од Министерството за надворешни работи на Кина ги предупредиле да следат друг канал. Дополнително, сенка на овој случај фрла фактот, што ни по предупредувањето, здравствените власти не го вклучиле во процесот македонското МНР.
Веќе неколку дена скандалот кој првично го објави италјанскиот весник Ла верита ја бранува јавноста. Остри реакции на адреса на Власта стигнауваат од опозициските партии, од антикорупционерите, од граѓаните, оти цел случај отвори сомнежи зошто министерот Филипче се решил преку фантом фирма да ја плати вакцината на „Синофарм“.
За овој скандал, понесување одговорност не е ниту во најава. Филипче не гледа ништо спорно во процесот на набавка на вакцините и понатаму стои да ставот дека само документација не дели од пристигнувањето на вакцината „Синофарм“.
Адријана Алексиеска