Османи: Решение со Бугарија може да има веќе следниот месец

Спорот со Бугарија може да се реши уште во јануари бидејќи источниот сосед ја надмина политичката криза и формираше влада – шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи со големи очекувања дека се надзира крајот на бугарската блокада за македонските евроинтеграции. За Османи, предлогот на новиот бугарски премиер Петков да се изнајде решение во рок од шест месеци е премногу долг.

Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република С.Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение, нагласи Османи за бугарската Нова ТВ.

Додека македонските политичари негуваат надежи, Бугарија повторува дека нема да отстапи од црвените линии. И натаму од источниот сосед остануваат добро познатите барања, но надградени со дополнителни работни групи, за што последно премиерот Кирил Петков даде рок од шест месеци.

Она што јас многу јасно го дадов како мандат во следните чекори со Македонија е дека ќе ја надградиме бугарската позиција со дополнителни работни групи за економија, инфраструктура, култура, мерки и политики за влез и помош. Капацитетот на С. Македонија – како да успеат да го направат чекорот кон влез во ЕУ. Треба да обрнеме внимание на реториката на нашите разговори, што да добиеме од добрососедството, отколку само да зборуваме за проблеми, да, проблемите се тука, проблемите не можеме да ги скриеме под тепих, да, треба да се решат, но многу полесно се решаваат проблемите кога добро знаеме која е цената на едно добрососедство – изјави Петков.

Нејасно е на што првиот македонски дипломат оптимистички тврди дека спорот помеѓу двете земји може да се реши за еден месец, освен ако Македонија не ги прифати сите бугарски барања од декларацијата која ја изгласа Бугарскиот парламент.

Ако македонските власти се го направат тој чекор, Македонија ќе мора да заборави на македонскиот јазик.  Ќе треба да ја прилагоди содржината на наставни програми со цел „објективно да ја рефлектира заедничка историја со цел елиминирање на образовната содржина која што влева омраза кон Бугарија“. Македонија ќе треба и да ги отстранува таблите и натписите кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите, како и да се откаже на македонското малцинство во Бугарија, а бугарското да го внесе во македонскиот устав..

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста