Османи – рационалност наместо емоции, Мицкоски-јавноста да биде информирана за планот со Бугарија

До сега во дијалогот со Бугарија имало многу емоции па затоа сега требало да се пристапи рационално.Ова според министерот Османи би бил новиот концепт во односите со источниот сосед. Шефот на дипломатијата е убеден дека е при крај дефинирањето на акцискиот план. Овој план ќе придонел за подобрување на животот на луѓето од двете страни на границата. Со неговото финализирање ќе можело да се свика и првата меѓувладина конференција.
“Чувството беше дека во првата фаза дијалогот меѓу нас и Бугарија беше премногу емоционален, со премногу емоции во него, сметавме дека треба да го смениме пристапот во однос на овој дијалог, да воспоставиме повеќе рационален пристап во овие разговори и продолжување на комуникацијата во темите за кои имаме повеќе разбирање”, рече Османи.
Од друга страна лидерот на опозицијата бара објаснување од власта за содржината на акцискиот план. Мицкоски смета дека јавноста има право да биде запознаена со тоа. Граѓаните треба да бидат будни за власта да не го распродаде и она малку што остана, смета тој.
“Македонската јавност треба да го знае текстот на овој план, бидејќи, според нашите информации, покрај идентитетските прашања, кои ја опфаќаат македонската традиција, јазик, обичаи, историја, македонски дејци и револуционери, има многу и бизнис-работи коишто се дел од тој договор или план на активности којшто е на маса. Кога двоецот Бучковски-Заев преговара, се спрема нова катастрофа, економско цунмами и национална катастрофа”, изјави Мицкоски.
Владата конкретно засега не открива што содржи акцискиот плајн. Прмеиерот Заев изјави дека на него ќе се работи независно од комисијата за историја и образование и политичките прашања.
Градимир Марковски