Османи призна дека постои нон пејпер прифатен од Скопје, се чекало на Софија

Македонија и Бугарија размениле документ кој бил прифатлив за Скопје, но се чека одговор од Софија. Шефот на дипломатијата Бујар Осамни ги потврди информациите на пратеникот Антонио Милошоски дека меѓу двете министерства за надворешни работи циркулира нон пејпер, но не сакаше да ја открие содржината, која веќе била на увид пред бугарските пратеници. Османи се правда дека во последните две години биле разменети вакви документи, но сега не можел да каже ништо оти немало конкретен договор меѓу двете страни.  

По неодамнешната откажана официјална посета на бугарската делегација во Скопје, премиерот Кирил Петков викендов во друштво на Јотова доаѓа во Битола ама во приватна режија да се сретне со Македонците со бугарска самосвест, но и со здруженијата кои добија финански средства од бугарска државна каса. Истите оние кои пред само неколку недели преку герила акции низ Македонија распослаа илјадници налепници со текст „еден народ сме“ промовирајќи ја тезата дека сме биле еден народ во две држави. Македонското МНР знаело за акцијата, ама министерот Османи не смета дека треба да се реагира оти секогаш ќе имало вакви провокации.

Македонските власти одбираат да молчат и за последните изјави на бугарските челници дека нема да попуштат во ставовите за пристапувањето на Македонија кон ЕУ и нивното вето, а уште повеќе и за ставот на претседателот Румен Радев кој изрази поддршка за Албанија за одвојување од пакетот за пристапување….Дека нема напредок во преговорите потврдува и министерката Теодора Генчовска која откако доби порака од германската колешка Бербок, Бугарија да ги тргне ветото кон земјава и да се исполнат ветувањето, остро реагира дека чекале конкретни резултати од македонските власти.

Сепак и покрај цврстите ставови на Бугарија и негаторската политика која ја спроведува официјлна Софија кон македонското малцинство, сериозни забелешки на нивна адреса стигна од американскиот Стејт департментот кој во извештајот за состојбата на човековите права во светот во 2021 година, во делот за Бугарија наведува дека се нарушуваат правата на етничките Македонци за слобода на здружување.  И покрај 14 одлуки на Судот за човекови права го спречуваат организирањето на Македонците, Османи остана без коментар и за ова.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста