Османи: Одложувањето на преговорите е грешка на ЕУ

Министерот Османи во Брисел ја гледа одговорноста за тоа што Македонија не добила датум за почеток на преговори. Смета дека одложувањето на преговорите е грешка на унијата бидејќи ние сме направиле се што треба. Шефот на дипломатијата кој реферираше пред пратениците од комисијата за надворешна политика уверува дека сите не поддржале, но поради Бугарија и принципот на одлучување со консензус и натаму сме останале во еу чекалницата. Спроведувањето ан договорот за добрососедство и релациите со Бугарија ќе бидат во фокусот на неговата работа.

“Од наша страна е сторено се што треба и подготвени сме доволно и одложувањето на стартот на преговорите беше грешка на Европската унија. Не треба сега да не обзема страв, апатија ниту дефетизам. Процесот на одлучување во унијата е сложен со консензус и ние на тоа мора да се навикнеме”, изјави Османи.

Од друга страна опозицијата бара одговорност. Кој ќе ја понесе праша претседателот на комисијата Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Дали тоа ќе биде Заев, Османи или Димитров. Тие според Милошоски уште во 2018 манипулирале дека ќе добиеме датум за преговори. Дополнително информациите кои доаѓаат од Софија како што рече Милошоски се дека не била само Бугарија пречка.

“Вашата изјава е неусогласена со изјавата на бугарскиот европратеник и поранешен европратеник Ивајло Калфин кој на деветти декември за нивната национална телевизија даде изјава дека бугарската блокада им одговара на неколку други земји членки кои не сакаат проширувањето на ЕУ да продолжи, а Бугарија ја користат како изговор”, рече Милошоски.

За Османи 2020 година е најупешна за Македонија во делот на евроатлантските интеграции. Членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите според него се доказ за тоа. Опозицијата возврати дека примерите со Србија и Црна Гора покажуваат како се отвораат преговори со конкретен датум. За Македонија таква одлука немаше, рече Милошоски.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста