Османи: фер избори се услов за препорака за преговори

Претседателските избори ќе бидат најсериозниот тест кој треба да се положи за позитивна препорака од Европската комисија која ќе значи и почеток на преговорите, признава вицепремиерот Бујар Османи по средбата со директорот на АВМУ. Сепак, Османи, прстот го насочи кон медиумите, како клучни во спроведувањето на реформите, за да се задоволат европските стандарди.

Од АВМУ на иста линија со Османи, максимално ќе се заложеле изборниот процес да помине најдобро во насока на евроинтеграциите.

Државата е под лупа на земјите членки за тоа дали има демократски капацитети да спроведе фер и коректни избори, а од впечатокот што ќе го дадеме за постоење на таквите капацитети многу ќе зависи каква ќе биде проценката во јуни. Но не само изборите, земјава треба да одговори на сите барања кои ги испорачува ЕУ. Најсериозни забелешки на македонска адреса и натаму стигнуваат за судството.

И додека власта убедува дека Македонија е блиску до влез во големото европско семејство, граѓаните на земјите од западна Европа веќе се изјаснија – не ја одобруваат идејата за проширување на ЕУ, а против членството на Македонија најконкретно се изјасниле Французите.

Инаку лани Македонија ја доби осмата препорака на ЕК за почеток на преговори со ЕУ. По пауза од три години, Комисијата повторно препорача датум за преговори со Унијата. Во минатото, имавме 7 препораки, последните две беа условени.

А не само од Брисел, укор за бавни и недоволни реформи во судството пристигнуваат и од Вашингтон. Во неодамнешниот извештај на Стејт Департментот меѓу другото се забележува дека има напредок но и сериозни забелешки за селективна правда, корупција, притисок врз медиуми.

Ивана Соколовиќ Најдова