Организирана група собира пари од граѓаните лажејќи ги дека нивни блиски убиле човек во сообраќајка

„Ќерка ви направи сообраќајка, прегази дете кое почина. Мора да платите пари, во спротивно ќе заврши во затвор“ – со овие зборови непознат машки глас на телефон претставувајќи се како сообраќаен полицаец бара пари од граѓани. Додека тој зборува во позадина се слуша глас на расплачена жена која вика –„Спасете ме, дајте им пари ќе ме затворат.“
По овој разговор такси возило стигнува пред куќата на жртвата која се согласила да плати пари, а сумата која се плаќа на непознатиот таксист се движи од 2000 до 10000 евра. Оваа не е сценарио од криминалистички филм, организирана криминална група хара по државата, мамејќи граѓани дека нивни деца или внуци убиле малолетник во сообраќајка.
Последниот случај е пријавен пред неколку дена од старица од Свети Николе.
- На 21 јануари во 11.00 часот 78 годишна жена пријави дека телефонски ѝ се јавило машко и се претставило како полициски инспектор од Скопје. Ја известило дека наводно нејзината внука предизвикала сообраќајна незгода во која загинало осумгодишно дете и за да не оди во затвор ѝ побарал 2.000 евра, кои требала да ги даде на лице кое веќе тргнало кон Свети Николе. Исто така, според пријавеното, околу 12.15 часот пред нејзината куќа со такси возило дошло непознато лице кое ги зело парите, велат од МВР.
23 семејства досега се жртви на групата измамници, 5 им платиле пари, а 18 не наседнале на измамата. Полицијата е на траг да открие организирана криминална група која најверојатно парите што ги собира од измамените граѓани ги носи надвор од државата.
Катерина Гетева