„Организација за граѓански активизам и независност“: Мицкоски за 2,5% има поголем рејтинг од Заев

Претстедателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ужива најголема доверба меѓу политичарите според резултатите од анкетата која денес ја објави „Организацијата за граѓански активизам и независност”. 15,9% од испитаниците најмногу му веруваат на Мицкоски, додека пак премиерот Заев добил доверба од 13,4% од испитаните граѓани.

„Организацијата за граѓански активизам и независност” која се занимава со анализи, истражувања и граѓански активизам, за сопствени потреби направи теренско истражување од периодот на 1 септември до 9 септември 2021 на репрезентативен примерок на 1.149 испитаници на територијата на целата држава, со фокус на Град Скопје и општините на градот.

Според анкетата, 6,4% од испитаниците довербата му ја препишуваат на лидерот на ДУИ Али Ахмети, 8,9% на Зијадин Села. Билал Касами ужива доверба од 1,8% од испитаниците, лидерот на Левица Апасиев 4,7%, Мендух Тачи 1,1%.

Претходно, анкета објави и агенцијата „Брима“, а според резултатите, ако  денеска се одржат парламентарни избори за СДСМ би гласале 19,5 проценти од испитаниците, додека за ВМРО ДПМНЕ 17, 5 отсто. Анкетата ја објави „Слободен печат“ како ексклузивна информација повикувајќи се на истражување на агенцијата „Брима“ кое другите медиуми изворно не го имаат добиено.

Според информациите на медиумот истражувањето е спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на репрезентативен примерок од 1201 испитаници  над 18 години во државата. Освен за СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, 7,2 отсто од граѓаните би гласале за ДУИ, 6% за Алијанса за Албанците , а 4,7 проценти за Левица. 3,7% од анкетираните изјавиле дека нема да гласаат или „ќе пуштат неважечко ливче“ на изборите. 

По ова истражување, реагираа од опозициската ВМРО ДПМНЕ дека СДСМ пушта наместени анкети со цел да ги охрабрат функционерите и членовите на владејачката партија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста