Орбан: Наместо со кавги, ЕУ да се занимава со борбата против короната

Откако неколку членки на ЕУ го обвинија Орбан за кршење на човековите права поради зголемување на овластувањата кои всушност ги налага вонредната состојба, тој им порача, наместо да се занимаваат со него, подобро е сите да се фокусираат на борбата против корона вирусот.

„Не знам кои се тие луѓе кои седат во бриселското стаклено ѕвоно.  Можеме да спасуваме животи работејќи заедно, а со што се бави Брисел, со нас“, рече Орбан за државното радио.

Орбан во писмото до генералниот секретар на Европската народна партија Антонио Лопес напиша  „Со сета почит, немам време да разговарам за други работи, освен за корона вирусот“.

Иако Унгарија беше меѓу првите држави членки на Европската Унија која воведе ригорозни економски мерки во обид да ги намали последиците од кризата која надоаѓа заедно со пандемијата, Орбан  рече дека државата нема да им се придружи на земјите што обезбедуваат неограничени средства за кризата, затоа што ќе се фокусира на зачувување на работните места.

Претходно, унгарската влада донесе мерка, со која, здравствените работници ќе добијат годишен бонус од 500.000 форинти односно околу 1.400 евра, за да ги надоместат дополнителните оптоварувања и ризикот од борбата против вирусот.

Во Унгарија досега се регистрирани над 630 заболени од корона вирус и 26 починати.

Дејан Трендов

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста