Oрбан и Вучиќ со убедливи победи-политички континуитет во Унгарија и Србија

Актуелниот премиер Виктор Орбан  освои четврта последователна победа  на вчерашните избори во Унгарија. Орбан синоќа  во Будимпешта прогласи убедлива победа на неговата партија Фидес, порачувајќи дека заедно со својата партија  ги одбранил „слободата и суверенитетот на Унгарија“.  Според прелиминарните резултати , коалицијата предводена од Орбан ќе има 135 пратеници, односно дво- третинско мнозинство во 199-члениот парламент.

Нашата победа е огромна. Се гледа дури и од Месечината, но секако ја гледаат и во Брисел. Победивме во 2010 и 2014 година кога не’ предизвикаа, потоа во 2018 кога беа против нас и во 2022 година кога сите се обединија против нас. Ќе треба да проучуваат и ако не го најдат одговорот, треба да го прашаат Бога како го постигнавме овој резултат кога сите беа против нас, порача Орбан.

56 пратенички места, или 35 отсто во парламентот обезбеди противкандидатот на Орбан   Петер Марки-Зај со коалицијата од шест партии „Обединети за Унгарија“. Партијата „Наша Татковина, за прв пат го надмина изборниот праг и зазеде седум пратенички мандати во парламентот.   

Изборен ден вчера и во соседна Србија. Според прелиминарните резутати,  старо-новиот претседател Александар Вучиќ го освои вториот мандат  со 58, 3 отсто од гласовите, со што избегнува втор круг со противкандидатот Здравко Понос кој е на второ место со 17,5 отсто од гласовите.  

Србите вчера покрај за претседател, гласаа и на вонредни парламентарни избори на кои партијата на Вучиќ СНС извојува убедлива победа.  Вучиќ ја прогласи победата пред симпатизерите и членовите синоќа во Белград и најави дека самостојно може да ја формира идната влада.

– Влијанието на украинската криза беше огромно и според резултатите на изборите Србија драматично се движи кон десницата, а СНС има нешто помалку гласови, за што ќе водиме сметка кога ќе се формира владата. Нема да ја формираме со оние кои преку навивање влијаеја на определбата на народот. Србија ќе мора да се определи како ќе оди во иднина, не чекаат тешки времиња, изјави Вучиќ.

Според проекциите на Ипсос / Цезид во Националното собрание  на СРБИЈА ќе влезат 12 листи, од кои пет се малцински.  СНС, според проекциите ќе има 120 мандати, СПС на Ивица Дачиќ 32, „Обедините за победа на Србија“ 38 мандати, „Коалицијата Нада“ освои 15 мандати. Вучиќ инаку е на чело на државата  од 2017 година, а претходно беше премиер на српската Влада. Неговата партија СНС е на власт од 2012 година.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста