Општините продолжуваат да се задолжуваат, но и масовно да вработуваат

Луѓето се пензионирале, договорите се трансформирале, а за спроведување на новите проекти требале нови административци – вака министерката за финансии проба да го објасни огромниот број на огласи за вработувања во општините и институциите откако беше закажан датум за предвремени избори. Додека јавноста негодува дека овие потези се прават за купување гласови, Ангеловска вели дека работа на нејзиното министерство било само да даде согласност дали општините имаат пари за да ги исплатат новите кадри.

Министерката за финансии не знаеше да каже колку општини во моментов имаат блокирана сметка. Вели откако општините добија 50 милиони евра за раздолжување, нивните долгови се намалиле само за 36 милиони евра. Повеќе не можело да се очекува, вели таа, затоа што тие продолжиле да се задолжуваат.

Една од најзадолжените, општина Струга на оглас бара 30 нови работници. Оваа општина доби најголем негативен публицитет изминатата пролет, кога градоначалникот набави луксузно ауди и тоа откако Струга доби народни пари од државниот буџет за да врати половина од заостанатите долгови. Градоначалникот на Карпош вчера потврди дека неговата општина се уште работи со блокирана сметка.

Општина Охрид останува најзадолжена општина во земјава. Според последните податоци од МФ, нејзините доспеани, а неплатени обврски до септември изнесувале 7,35 милиони евра, што значи дека општината делумно успеала да го намали долгот за една година. Сепак, има и други големи долгови за враќање наредните две години, а ЈП Проаква останува енормно задолжено од дури 13 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста