Општините недоволно транспарентни за директна инклузија на младите при креирањето на младинските политики ?!

Прават ли доволно општините за ефективно и транспарентно вклучување на младите при креирањето на локалните младински политики или пак се’ e сведено на стихијно делување за кое младите најчесто не знаат ништо ?! Дали младите се запознати со можностите кои што општините законски се должни да им ги презентираат на начин кој ќе биде достапен и препознатлив за нив ?! Ова, особено во делот на правото на финансиска поддршка за себенадоградување, а кое е регулирано со ставка од општинските буџети и која според новиот Закон за млади од јануари годинава, изнесува 0,1 проценти од вкупниот Буџет на општината, а за што младите велат дека воопшто не се запознати. Тие сметаат дека општините повеќе пари издвојуваат за финасирање на пензионерските здруженија, отколку за младите.

„Повеќе се финасираат пензионерските здруженија, отколку младинските организации или младински индивидуалци, кои што нели, треба да се наградат за нивниот ангажман во дадена област“, вели прилепчанецот Димитар Врглевски.

Во прилог на ова одат и добиените резултати од анкетирањето на млади прилепчани, спроведено во изминативе шест месеци во рамките на проектот „Град-пријател на младите“. Според тие резултати, младите во Прилеп имаат лоша комуникација со носителите на одлуки на локално ниво.

„Треба да се зајакнат комуникациските канали на самата општина и да се воспостави контакт помеѓу младите и општината, односно да се донесат механизми и алатки кои ќе бидат лесно достапни за младите луѓе“, посочува Анелија Митрова од Невладината „Младински сојуз – Крушево“.

Од општина Прилеп пак се правдаат дека тие веќе ги имале имплементирано сите потребни механизми и алатки за транспарентна соработка со младите, ама младите биле тие кои не се интересирале доволно.

„Би апелирала да ја следат веб-страната на општината и социјалните медиуми, значи фб-страната на општината каде што сите податоци, сите повици се транспарентни и секоја година се објавуваат“ – рече Цвете Станојоска од ЛЕР-Прилеп.

Меѓутоа, од Младинскиот сојуз, базирајќи се на добиените резултати од шестмесечното истражување, остануваат децидни во ставот дека општините мораат да создадат ефективен мост помеѓу себе и младите луѓе не со декларативна, туку со функционална инклузија на младите при креирањето на локалните младински политики.

 

Каролина Дурло  

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста