Општина Прилеп со 100 евра ќе го субвенционира раѓањето на секое новородено дете

     Раѓањето на секое новороденче во општина Прилеп, еднократно ќе биде субвенционирано со по 6000 денари. Ова е одлуката на Советот на општина Прилеп која стапи на сила од почетокот на годинава, а што беше и едно од главните предизборни ветувања на градоначалникот Борче Јовчески. Аплицирањето е веќе во тек, а исплатата на првите средства ќе бидат во најкраток можен рок, односно за две до три недели, вели градоначалникот Јовчески. За оваа цел, за 2022 година од општинската каса ќе бидат издвоени вкупно 3.600.000, 00 денари.

  „За голем дел од родителите би претставувало голема помош за првите трошоци што се одвојуваат за секое новородено во семејството…Со овој чекор сакаме да ги стимулираме, да ги мотивираме младите брачни парови за во нивните семејства да имаат нов член во семејството, идната година се надеваме на уште еден, така што со тоа природниот наталитет би го зголемиле, а воедно и би овозможиле во нашата држава да биде наталитетот навистина на едно завидно ниво“, – објаснува градоначалникот Борче Јовчески.

  Со оглед на фактот што оваа локална власт од претходната наследи буџетска финансиска дупка од безмалку 5 милиони евра, градоначалникот Јовчески потенцира дека средствата за овој проект, како еден од приоритетните ќе се обезбедуваат со пренамена на дел од веќе расположливите средства.

  „И покрај тоа што начекавме испразнета каса, да не речам во долгови, ова е една од приоритетните одлуки кои семејстата ги очекуваат за да ги реализираме, без разлика дали Буџетот ќе претрпи одредени измени во висината, но сепак желбата да се помогне на секој еден млад брачен пар е поголема отколку очекувањата оваа година нешто друго видно да се измени“, – посочува Јовчески.

   Инаку, според последните податоци од ДЗС, а кои се однесуваат на 2020 година, бројот на новородени деца во Прилеп е двојно помал во однос на починатите, односно 580 живородени деца наспроти 1214 починати. Ова пак, споредено со 2019-та година, кога стапката на наталитет била 8,3 живородени деца на 1000 жители наспроти 12,8 умрени, укажува на континуиран негативен тренд на наталитетот во однос на морталитетот што пак бил и основниот предизвик на новата локална власт да ја реализира Програмата за доделување на еднократна парична помош, на секое семејство за новородено дете во Општина Прилеп за 2022 година“.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста