Општина Прилеп аплицираше со четири приоритетни проекти на повикот од Владата за финансиска помош на општините

Општина Прилеп аплицираше со четири приоритетни проекти на повикот од Владата за финансиска помош на општините

Четири капитални проекти, внимателно селектирани според приоритетноста за граѓаните, општина Прилеп достави до Министерството за локална самоуправа по повикот од Владата за државна финансиска помош на општините. Изградба на Кружен тек „Табана“, во кој треба да бидат инвестирани околу 2.100.000 евра, потоа целосна реконструкција на дел од Плоштадот пред хотелот „Скопје“ во вредност од 20 милиони денари, изградба на улицата „Победа“ која треба да обезбеди нов пристап до новата елитна населба „Градина“ со цена на чинење од 35 милиони денари и модерна реконструкција на водоводната мрежа во градската четврт „Карабдалица“ која воопшто не е третирана близу 70 години. Доколку бидат прифатени овие проекти, обврска на ЛС е нивната реализација да започне до крајот на годинава.

Интересно е да се каже дека на реализацијата на сега најскапиот, а воедно и најпотребниот проект за градот – изградбата на Кружниот тек „Табана“, прилепчани чекаат безмалку една деценија. Тој беше изработен уште во времето на претходниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во далечната 2014/2015 година пришто преку Светската банка тогаш беа обезбедени 2 милиони евра под неверојатно поволни услови за Општината. Меѓутоа, по промената на централната и локаната власт во 2017, 2018 година, овој проект, од неразбирливи причини остана да чмае во фиоките на тогашниот градоначлник од СДСМ и никогаш не ја виде виделината на денот. Според актуелниот градоначалник Јовчески, сега, овој проект со извесни корекции соодветно е адптиран и неговите очекувања се дека прилепчани конечно ќе го добијат она што им е насушно потребно и што го заслужуваат, односно модерно и безбедно сообраќајно решение на ова исклучително опасно и тесно „грло“  

 „Овој проект е ревидиран наново, ажуриран е, односно направена е гео-сондажа се сите оние нови методи кои што се бараат за ревидирање на овој проект, и исполнети се условите. Значи, проектот не е лист хартија којшто лежел некаде, туку е наново преработен и обновен, и опфаќа повеќе детали што ги бараат сегашните услови за апликација“, – изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Инаку, како што е познато во оваа прва транша Општина Прилеп, согласно бројот на жители ќе има право на финансиска помош од државата во висина од околу 3 милиони евра за реализација на капитални локални проекти. А додека за наредната година, тој износ треба да биде неколкукратно повисок.  

Каролина Дурло

                                                                                                             

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста