Општина Крушево со финансиска „дупка“ од над 150.000 евра, а Комуналното претпријатие “Комуна“ дури со трипати повеќе

      На почетокот од зимската сезона, Крушево, или како што многумина го нарекуваат македонскиот Давос, со сериозна „дупка“ во општинската каса, но и во некои од јавните претпријатија. Според последните извештаи доставени до Советот на општината, за првите девет месеци од годинава, оваа мала општина, со околу 9.500 жители, има долг од 152.000 евра, а додека ЈКП „Комуна“, дури трипати повеќе, или околу 460.000 евра. За локалната опозиција ова е црвен аларм кој континуирано бил присутен во последниве пет години и кој според нив јасно укажувал на недомаќинското работење на старо-новата локална власт.

   „Буџетот на општина Крушево е во многу лоша кондиција…општината има долг од околу 152.000 евра…Во наредниве три месеци сигурно уште ќе биде зголемен…Комуналното претпријатие борчи, исто до 30.09. податоците што се дадени, 460.000 евра. Најголемиот дел од тие долгови се кон ЕВН и АД „ЕЛЕМ“. Доколку се случи да си го наплатат долгот што го имаат ЕВН и ЕЛЕМ, тоа значи дека Крушево ќе остане без вода…Ако ја исклучат струјата Крушево ќе биде без вода, зимската сезона ќе биде крајно непродуктивна, ќе се затрупаме во смет..“, – вели Билјана Проеска, претседателка на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Крушево.

   За директорката на ЈКП „Комуна“ пак, нема никаков проблем со кој би се довела во прашање престојната сезона или функционирањето на службите кои се под нивни ингеренции. Таа признава дека долгот бил тој, но вели дека тој се провлекувал со години, а тие како претпријатие, со спогодбени договори кон доверителите, тековно си ги сервисирале обврските.

   „Значи, имаме и план, и замисла некоја како ние да се ослободиме од тие обврски. Во иднина, значи пред се, од општинава имаме обезбедено финансиски средства од Влада во износ од 9 милиони кој што ќе се наменети строго за подобрување на водоснабдувањето на град Крушево, односно до зафаќање на изворите кои што се наоѓаат во Бушова Планина, секако во соработка со општина Брод. На тој начин ние ќе ги тргнеме наредните или идните обврски од ЕВН кон Комуналното претпријатие, така што ќе бидеме во поголема можност, поредовно и во поголем износ да сервисираме од заостантиот долг. Ќе ги немаме сметкиве месечни кои што се во просек 800.000 денари месечно за Пумпната станица „Норово“, која што ни ја фактурира ЕВН“, – посочува Станка Ефремова- Трајкоска, директорката на ЈКП “Комуна“ – Крушево.

  Сепак, и покрај ваквите идни планови на старо-новите градски власти, опозициските советници најавуваат дека итно ќе побараат  државна  ревизија за финансиското работење на Општината во целост.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста