Општина Кривогаштани 2020-та година ја започна без донесен Буџет

Општина Кривогаштани е единствената општина во државава која новата календарска година ја започна без донесен Буџет.

Трите обиди на 11-те советници да го изгласаат Буџетот беа безуспешни, откако опозициските советници, кои од неодамна станаа мнозинство во општинскиот Совет, во Предлог-Буџетот препознале низа недоследности, па на две седници гласале против, а последната ја бојкотирале.

Според нив, Буџетот бил нестручно изготвен и бил полн со заткулисни игри. Бараат да им биде доставено писмено и потпишано образложение за сите поединечни ставки и програми кои се составен дел од Буџетот, особено за тие од расходната страна.

Градоначалникот Рубинчо Шефтероски пак, повикувајќи се на стручноста на своите служби, зачуден е од ваквата реакција на опозицијата. Тврди дека се’ било законски, а доколку имало некакви пропусти, тие можеле компромисно да се решат.

Заради неизгласаниот Буџет, работата на општината делумно е блокирана, па на 8 јануари изгласано е времено финасирање со времетраење до 31 март.

Во меѓувреме, дел од вработените во општината, зад камерата, ни се пожалаа дека постојано фрчеле и казни во кои препознаваат партиски реваншизам.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста