Општина Карпош: Дозволите на субјектите кои вршат достава на храна/лекови од претходниот викенд ќе важат и за време на полицискиот час до 20.04.

Општина Карпош ги известува сите субјекти кои вршат достава на храна/лекови и кои добија известувања за вршење на дејност за полициски час за изминатиот викенд (11.04. и 12.04.2020) дека истите имаат важност и за работа во време на полициски час, после 16:00 часот, како и претстојниот продолжен викенд (17.04 до 20.04.2020).

Сите други субјекти кои сакаат да вршат дејност (достава на храна и лекови), а се немаат претходно пријавено во Општинскиот кризен штаб, тоа да го сторат преку пополнување на пријава и да ја достават на [email protected] , најдоцна до среда (15.04.2020) до 11:00 часот.

Кога станува збор за нерегистрираните земјоделци кои сакаат да вршат дејност претстојниот викенд, потребно е да испратат податоци (име и презиме, живеалиште, локација каде ќе вршат дејност и кој период во текот на викендот) на [email protected], до 20:00 часот, еден ден пред да вршат дејност.
При што, Општината овие податоци ќе ги проследи до Полициска станица – Карпош.
По истиот принцип, ќе се проследуваат и информациите за активистите кои хранат бездомни кучиња или кучиња во стационар, како и за лицата кои чуваат гулаби.

Општина Карпош издава известувања за работа во полициски час само на субјекти кои вршат достава на храна и лекови, како што е и задолжението од Владата на Република Северна Македонија. А, за сите други лица, земјоделци, активисти за заштита на бездомни животни и гулабари, проследуваме информации до ПС Карпош.

Поврзани вести