Општина Ѓорче Петров со нови лед светилки

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и Ибрахим Суха Џем, директор на турската компанија АД „Џемдаг осветлување-производство и трговија“ денеска потпишаа договор за јавно-приватно партнерство за модернизација на системот за јавно осветлување на територија на општината со лед светилки.

– Во следните  шест месеци, фирмата „Џемдаг“ комплетно ќе ги промени старите 2.887 светилки со нови, енергетски ефикасни ЛЕД светилки – рече градоначалникот Наумоски.

Менувањето ќе стартува од Дексион, кон урбаните заедници Мирче Ацев, Ѓорче Петров, Хром, потоа се преминува преку мостот кон населбата Даме Груев, и кон Ново Село, Стопански Двор, Кисела Јабука, Волково со што на почетокот на следната година, осветлувањето ќе се финализира во Орман, Никиштани и Кучково.

Турската компанија „Џемдаг“ во наредните 12 години ќе обезбеди дополнителни 983 светилки и ќе ги постави на нови линии каде претходно немало осветлување, а локациите ќе се одредат во консултација со граѓаните.

– Вие сте пример како со новите светилки ќе се намалат загадувањето и бројот на сообрќајни незгоди, а ќе се зголеми сигурноста кај луѓето, особено навечер. Следно, ќе преминеме во понапредна фаза со целосна автоматизација и централизаирана контрола на системот – истакна Суха Џем на денешното потпишување на договорот.

Вредноста на дванаесетгодишниот договор за ЈПП изнесува вкупно 168.481.580 денари, или месечно општината ќе издвојува 1.170.011 денари за оваа намена.