Општина Чашка и околните села без вода за пиење, жителите се жалат, властите бараат решение

Во 21 век жителите на општина Чашка мака мачат со водата за пиење. На пеколни температури лете, но и на есен, селата горно и долно Јаболчиште, Сушица, Лисиче и неколкуте на околу, подолг период едвај преживуваат. Ниту капка вода нема селото горно Јаболчиште, кое е оддалечено на 30-ина километри од Општината.

Жителите на Јаболчиште долг период мака мачат околу водата за пиење. Велат дека и на пеколни температури, но и сега, не можат нормално да функционираат.

Жителите пред нашата камера се пожалија дека биле приморани да полнат вода од селската чешма за да се искапат, а за децата кои одат во училиште купувале флаширана вода, зашто и онаа кога ќе капне, не била исправна за пиење.

Повозрасните жители на Јаболчиште пред камерата на Алфа сведочат дека овој проблем ги мачел подолг период. Велат, градските власти им ветувале и брда и долини кога се ближеле избори, а потоа ги заборавале дека постојат.

Фирмата која стопанисувала со водоводот во Јаболчиште го раскинала договорот пред неколку месеци, се пожалија жителите. Велат дека сега се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Алфа одговор побара и од првиот човек на Општината, Горан Стојанов.

Градоначалникот на општина Чашка во телефонски разговор за Алфа рече дека бил запознаен со проблемот и се работело на негово надминување. Рече дека сега бил распишан тендер и се чекало да се јави фирма која ќе стопанисува со тамошниот водовод.

Во исчекување на новиот газда кој ќе стопанисува со водоводот, мештаните ќе живеат без чиста вода за пиење и со катастрофална инфраструктура. Локалниот пат е речиси пропаднат и тешко се стига до таму. Жителите молат Бога час поскоро да се реши проблемот, и конечно да почнат да живеат нормално, без – како што велат, лажни ветувања дека ќе било подобро.

Борис Грујоски